Членовите на ДИК утре на седница ќе расправаат по барањето на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев за мислење за тоа дали врзаните потписи се однесуваат само за прашања поврзани со организација на изборите или генерално за сите тековни активности на МВР.
Чулев во изјава за државната новинска агенција МИА вели дека барањето е испратено од аспект на тоа што МВР има секојдневни активности, како што се одржувањето јавен ред и мир, откривање и процесирање кривични дела од организираниот криминал…, а со врзаните потписи, нагласува тој, се забавува работата и влијае на намалување на ефикасноста на МВР во однос на секојдневните такви активности.
Инаку, од страна на директорот на Бирото за јавна безбедност беше испратена телеграма до сите раководители на организациските единици во МВР, дека се потребни врзани потписи за работните активности и од министерот Чулев и од дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, а непостапувањето може да повлече одговорност.
Членови на ДИК, пак, велат дека тие сепак не можат да одлучуваат за ова прашање и оти најверојатно ќе го препратат барањето до собраниската Зкаонодавно-правна комисија.