Исто така, голем број македонски граѓани, кои се пријавиле електронски, добиле термини за вакцинирање овој викенд во Белград
И членовите на Ветеринарна комора може да се вакцинираат во Србија. Комората денеска на својата веб-страница објави дека в недела и понеделник, на 28 и 29 март, за нив има термини за вакцинација во соседството откако за тоа стигнало одобрение од српската vлада преку Ветеринарната комора на Србија (ВКС).
„Ве известуваме дека ВКМ во настојување да најде решение за што побрза вакцинација и заштита на своите членови од ковид-19, во рамки на одличните односи и меѓусебната соработка со Ветеринарната комора на Србија, потврдена со Договор за соработка потпишан 2017 година, се обрати со барање да посредува до Владата на Република Србија да овозможи вакцинација на наши членови. Денеска, на 26.03.2021 година, од Генералниот секретаријат на Владата на Република Србија преку ВКС сме известени дека нашите членови може да се вакцинираат во Ниш, со вакцината „Астра Зенека“, во недела и понеделник 28 и 29 март 2021 година“,
се вели во соопштението на Ветеринарната комора.
На 17 овој месец Ветеринарната комора до министерот за здравство Венко Филипче и Националната техничка работна група за вакцинација против ковид-19 испрати допис со кој побара вработените во ветеринарно-здравствениот сектор да бидат вклучени во приоритетните групи за имунизација.
Ветеринарите се уште едни во редот кои обезбедија вакцинација во Србија, по дел од новинарите (преку здружението МАН), најавата од Независниот полициски синдикат за полицајците и за бизнисмените преку Стопанската комора.
Исто така, голем број македонски граѓани, кои се пријавиле електронски, добиле термини за вакцинирање овој викенд во Белград.