Опозицијата бара од Владата и владејачкото мнозинство да поддржат итна седница за да може законски да се интервенира и да се измени Законот за попис на населението со одложување за септември, како најран термин за одржување на пописот, но под услов во следните месеци да има сериозен и динамичен процес на имунизација
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ денеска побараа пописот, кој треба да започне следната недела, да се одложи за септември.
За тоа бараат итна седница на Собранието за да се измени Законот за попис.
Како причини ја наведуваат здравствената и епидемиолошка состојба бидејќи поради тоа нема услови за безбеден и веродостоен попис, кој би дал соодветни и релевантни податоци.
Пратеникот Антонијо Милошоски во име на партијата посочи неколку држави во регионот и во Европа – Ирска, Србија, Германија, Хрватска, Албанија, Бугарија, Романија кои ги одложија пописите токму од овие причини.
„Според нас, човечки и хумано е на толку многу заболени и на превисока смртност, приоритет за имунизација да се даде и да имаат медицинските лица, хронично болните лица и потоа сите други останати. Секој друг редослед или приоритет би значел давање предност на политиката наместо на човечноста во медицината“,
рече Милошоски.
Тој ги повика Владата и владејачкото мнозинство да поддржат итна седница за законски да може да се интервенира и да се измени Законот за попис на населението со одложување за септември, како најран термин за одржување на пописот, но под услов во следните месеци да има сериозен и динамичен процес на имунизација, рече Милошоски.