Со денешните избори во СДСМ севернокорејската демократија се повеќе продира во Македонија. Кој сака, нека честита, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ, за денешното гласање на СДСМ за избор на партиски лидер. Опозицијата пред Владата постави фотографија од Заев, споредувајќи го со лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун.
„Како симбол на обидот за воведување севернокорејска диктатура во Македонија, пред владата го оставаме ова уметничко дело наречено „Споменик на лудилото“, кое треба да ги потсети и сите кои денес го гласаат единствениот кандидат, но и сите кои некогаш му верувале на овој човек, за каков човек се работи и какви вредности промовира и пропагира. Севернокорејска диктатура во Македонија, никогаш повеќе“,
порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата рече дека никој во СДСМ не се спротиставил на Заев како единствениот кандидат на изборите.
„Затоа 69-те илјади гласачи на СДСМ денес на гласачкото ливче имаат едно име кое мора да го заокружат. Ако не го заокружат, веројатно им следи службена белешка од партиското обвинителство и суд и престој на современиот Голи Оток. Како во најдобрите времиња на комунизмот и тоталитаризмот, партијата која се нарекува демократска одржува избори на кои се гласа за само еден кандидат. Онака како што СДСМ ја гледа демократијата во својата партија, така ја гледа и во државата. Затоа не ја води Македонија кон ЕУ, туку ја води кон Северна Кореја. Зоран Заев денес не само што е единствениот кандидат и единствениот претседател, веројатно е и единствениот потпретседател, генерален секретар, и веројатно единствен домар во седиштето на Социјал демократскиот сојуз на севернокорејска Македонија. ..По ист принцип Зоран Заев ја води и Владата на Република Македонија. Не само што е премиер, туку е и нагазувач на судството, креатор на хаосот во финансиите, координатор на партизираните органи на државата, веројатно координатор и на посредниците во набавката на вакцините и воедно единствен и главен виновник за состојбата во која се наоѓа државата денес. На гласачите кои на ливчето имаат да бираат меѓу Зоран и помеѓу Заев им честитаме за поддршката на севернокорејската диктатура и режимот кој веќе не е ниту хибриден. Им порачуваме дека вакви избори со еден кандидат недемократите од СДСМ може да си одржуваат на секои 2-3 недели и да си го бираат Заев, но наскоро ќе дојде денот кога ќе мора да се соочат со вистинската волја на граѓаните и поразот на катастрофалните политики на нивниот црпнат диктатор“,
порача ВМРО-ДПМНЕ.