Одлуките за следните позиции во хиерархијата на СДСМ, според информациите на „360 степени“, ќе се носат кон крајот на април, кога Заев прво ќе треба да го утврди својот предлог за негов заменик, за чиј избор потоа ќе одлучуваат делегатите на конгресот
Членовите на СДСМ денеска гласаат на првите директни избори за партиски лидер. Не се очекуваат поголеми изненадувања во поглед на исходот од внатрепартиски избор, односно реизборот на Зоран Заев e повеќе од извесен.
Тој е единствен кандидат, а на гласачкото ливче членовите ќе може да заокружат „за“ или „против“.
За гласање, како што беа најавите, пријавени се 68 999 членови. Изборите ги спроведува Централна изборна комисија на СДСМ во сите 80 општински организации, а ќе се гласа на 237 избирачки места.
Но, неизвесно е кои ќе бидат неговите најблиски соработници на „Бихаќска“ во новиот мандат на чело на партијата, со оглед на кадровските промени што тој ги најави.
Претходно Заев ја промовираше својата програма како кандидат за претседател на партијата, за која рече дека е базирана на пет клучни столба, при што најави „најголема политичка акција за нова позитивна промена на начинот на функционирање и менталитетот на политичките партии во нашата земја, почнувајќи токму од СДСМ.“
Одлуките за следните позиции во хиерархијата на СДСМ, според информациите на „360 степени“, ќе се носат кон крајот на април, кога Заев прво ќе треба да го утврди својот предлог за негов заменик, за чиј избор потоа ќе одлучуваат делегатите на конгресот.