Додека Рашковски отфрли поврзаност меѓу неговата патентирана идеја и софтверот што го купил како генерален секретар на Владата, од Национална асоцијација на пронаоѓачи на Македонија испратија порака: „Ако Рашковски и укажал чест на нашата држава својот производ да го пласира тука, треба да го поддржиме, а не да го плукаме“
Националната асоцијација на пронаоѓачи на Македонија (NAIM) вечерва испрати е-маил порака со соопштение во поддршка на Драги Рашковски, во која за софтверот набавен од Генералниот секретаријат во 2020 година што не го користи ниедна институција, вели дека е на „нашиот член, иноватор и кандидат од NAIM за член на извршниот комитет на IFIA – Драги Рашковски“.
„Во прилог на меилот Ви испраќаме соопштение (реакција) поврзано со набавката на софтвер за сообраќај од нашиот член, иноватор и кандидат од NAIM за член на извршниот комитет на IFIA – Драги Рашковски“,
пишува во е-маил пораката испратена од [email protected].

Ова, практично, е признание од Асоцијацијата на пронаоѓачи дека Рашковски, со пари на даночните обврзници, платил свој софтвер.
Во соопштението, пак, потпишано од Мирко Узелац, Националната асоцијација на пронаоѓачи на Македонија му изразува поддршка на Рашковски што, како што се вели, и укажал чест на државата и неговиот производ го пласирал овде.
Ставот од Национална асоцијација на пронаоѓачи на Македонија го пренесуваме интегрално, без лекторски интервенции:
„Соопштение до медиумите и јавноста на Република Северна Македонија Од Национална Асоцијација на Пронаоѓачи на Македонија, по однос на нападите кон нашиот пронаоѓач Проф. Д-р Драги Рашковски од страна на опзициската ВМРО-ДПМНЕ кој се однесува на неговиот патент од областа на безбедност на сообраќајот, кој освои голем број на нај високи признанија на саеемите ширум светот, а ќе настапи на уште најмалку 7 саеми.
Почитувани, ја цениме вашата загриженост за пронаоѓаштвото во нашата држава. Но би сакале да Ве потсетиме, во 2006 год. во тогашната Република Македонија имавме 340 домашни патентни пријави за да во 2016 овој број драстично и се намали на само 29 домашни патентни пријави. Вашата грижа за пронаоѓашвото не донесе во затворен партиски кафез.
Од тие причини е формирана Национална Асоцијација на Пронаѓачите на Македонија (НАИМ) со чие основање, на нашите пронаоѓачи им отворивме светски пат, за нивно претставување на скоро сите континенти. НАИМ за многу кус период успеа да стане светски признаена организација и полноправна членка на ИФИА (Светска Федерација на Иноваторски Асоцијации).
Би сакале и да напомнеме дека, патентите се правна категорија, со која авторите (носители на патентните права) имаат монополско право на располагање и одлучување врзани за нивниот патент. Исто така треба да се знае, дека патентите не подлежат на тендери. Патем кога се работи за ваков вид на патентирна безбедносна опрема, таа може да се продаде само на институции кој се за тоа надлежни или на друга компанија (а во тој случај, истата би требале да ја увезуваме) ваква опрема не може да се продаде на Бит пазар.
Ако нашиот пронаоѓач Проф. Д-Р Драги Рашковски и укажал чест на нашата држава и да истиот го пласира тука, треба да го подржиме а не да го плукаме. Да одевме по патот на Вашите сваќања на пронаоѓаштвото, не ќе стасавме до никаде, а камоли да бидеме почитувана светски признаена Асоцијација и полноправна членка на ИФИА. Апелираме до сите партиски организаци да своите препукувања, не ги прават на штета на пронаоѓаштвото, сега сме во 2021 година, а не 1903 ,светот оди напред, а ние мораме да го следиме.
Со почит !
Национална Асоцијација на Пронаоѓачи на Македонија
Мирко Узелац“,
пишува во соопштението.
Спротивно на ова, кога „360 степени“ пред една недела објави дека Рашковски има патентирано систем со име слично на софтверот што го набавил како генерален секретар на Владата, тој на својот фејсбук-профил отфрли поврзаност на патентираната идеја и набавениот софтвер.
Од Владата оценија дека во случајот нема конфликт на интерес, но во исто време нагласија дека авторските права не биле критериум на тендерот. Антикорупциската комисија пак, која по објавувањето на сторијата на „360 степени“ отвори предмет за набавката, рече дека ќе се истражува што купил, а што патентирал Рашковски. Ќе се бара одговор и зошто се купил софтвер за мерење брзина на возилата во сообраќајот и изрекување на казни, за кој МВР вели дека ниту било известено, ниту планира да го користи.