Познатата холивудска актерка, Џејми ли Кертис, даде низа пофални зборови за македонскиот кандидат за оскар во две категории, „Медена земја“.

„Колку совршен филм за овој момент. ‘Медена земја’ е зачудувачки. Алчност. Ненаситност. Семејство. Љубов. Чест. Природа. Истрајност. Воодушевена сум“, напиша Ли Кертис на Твитер.

Кертис не е првата холивудска ѕвезда која јавно го пофали документарецот за Атиџе.
Во откомври минатата година на социјалните мрежи пофалби објави и Сара Џесика Паркер.

„’Медена земја’ е неверојатна, визуелено зачудувачка, епска, а сепак интимна приказна за пчеларката Атиџе Муратова. Жена која нема никогаш да ја заборавам!“, напиша Паркер на Инстаграм.

„Медена земја“ во понеделникот доби две номинации за „Оскар“ – за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Станува збор за најпрестижната филмска награда која ја доделува Американската филмска академија.
Документарецот влезе во историјата бидејќи е ова е првпат македонски филм да биде номиниран во две категории. Пред 25 години, за странски филм беше номиниран „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, а во 1979 филмот „ДАЕ“ на Столе Попов беше номиниран за најдобар краток документарен филм.

Церемонијата на доделување на златната статуетка ќе се одржи на 10 февруари во Лос Анџелес.