Министерот за надворешни работи Бујар Османи и премиерот на Бугарија Бојко Борисов оствариле средба на аеродромот во Софија, но засега нема детали за што точно разговарале.
Фотографиите од состанокот на социјалните мрежи ги сподели шефот на македонската дипломатија и кусо напиша дека е потребно да се остваруваат чести средби.
„Дефиниција за соседство: да се сретнувавме одеднаш и често, а сепак секогаш со пријателски пристап и многу теми за кои треба да разговараме“
напиша Османи на Твитер.

Османи и Борисов се сретнале на аеродромот во Софија чекајќи ги своите летови. Османи преку Софија летал за Берн, а Борисов на работна посета во Виена за да оствари средби со повеќе лидери на земји членки на ЕУ.
Според најавената агенда, Османи денеска ќе престојува во работна посета на Швајцарија и на Шпанија. Работните посети на Швајцарија и Шпанија се дел од дипломатските активности за презентација на европското досие на земјата, но и во насока на мобилизација на нашата дијаспора за вклучување во процесот на самопопишување во рамките на пописот 2021 година.