Првиот вицепремиер најавува дека во почетокот на април ќе пристигнат 800 илјади вакцини од Ковакс-системот и 200 илјади од Кина наредните денови
Денеска од Германија ми понудија пет милиони вакцини против ковид-19, раскажа вечерва првиот вицепремиер Артан Груби, гостувајќи во ТВ 21, при што забележа дека набавката на вакцини станаува трговија, но дека тој не верува во нарачки надвор од официјалните процедури.
„Секој ден ми се јавуваат луѓе за вакцини. Денес ми се јавија луѓе од Германија да ми понудат 5 милиони вакцини. Се јавуваат и од други земји. Сум имал контакти со доста луѓе. Ова станува трговија веќе, што не е добро. Јас не верувам во нарачки надвор од официјалните процедури. Ова е глобална пандемија. Затоа, да почекаме уште малку и вакцини ќе има“,
рече Груби.
Тој посочи дека денеска се слушнал со министерот за здравство кој го информирал дека на почетокот на идниот месец ќе пристигнат вакцини.
„Денес се слушнав со министерот Венко Филипче и ми кажа дека во почетокот на април ќе пристигнат 800 илјади вакцини од Ковакс-системот и 200 илјади од Кина наредните денови. Со компанијата ‘Фајзер’ сме во постојана комуникација, а во процедура сме и со ‘Спутник’. Има директни контакти“,
нагласи Груби.
