Најверојатното сценарио е дека некој, некаде (засега е нејасно дали во обвинителството или во МВР), наместо да се повика на Законот за кривичната постапка (каде се опишува процесот на лишување од слобода и притворање), „по грешка“ се повикал на членовите со ист број но од Кривичниот законик (кој ги опишува видовите на кривични дела и санкции за истите)
Бизнисменот Орце Камчев доби 30-дневен притвор и веќе е во затворот во Шуто Оризари. Но, по распитот пред судија на претходна постапка, по кој и беше донесено решението, се отвори дилема – по која основа бил приведен Камчев?
Верзијата на одбраната е дека Камчев изутрината бил лишен од слобода за една работа, а дека потоа му е одреден притвор за нешто друго.
„Во утринските часови г–диниот Јордан Камчев беше задржан, лишен од слобода, поради кривично дело Изборна измама. А сега, сосема поинакво образложение од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал … побара (притвор н.з.) од судот поради некаква си индиција од БЈБ дека ќе се дадел во бегство, да му се определи 30-дневен притвор“,
изјави адвокатот на Јордан Камчев, Тони Менкиновски.
Како доказ дека првичното лишување од слобода е од причини различни од оние наведени во предлогот за притвор, адвокатот Тони Менкиновски го покажуваше решението на судијата на претходна постапка. Во него, рече тој, јасно е наведено дека судот ја цитира службената белешка за лишување од слобода.

„Не го бара никој за изборна измама, туку така нас не информираа во полициска станица … На тој господин (од полициска станица) претходно му се јавиле од јавното обвинителство, значи, и му кажале, добил наредба … единствен некој што може да лиши некого од слобода во Република Македонија, предлог да даде, е јавното обвинителство. Полицијата, тие, си ја вршат службената должност“,
изјави Менкиновски.
Каде „лежи зајакот“?
Тезата на Обвинителството пред Судот е дека бараат притвор за Камчев поради опосност од бегство. Основата за тој сомнеж произлегува од сознанија на Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Поради тоа, „360 степени“ побара став и од МВР и од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за прашањето – кој ја пратил првичната наредба за задржување на Камчев. Од полицијата кусо одговорија дека тие само постапувале по службена должност и дека не би можеле да ја споделат таа информација. Од Обвинителството се уште чекаме одговор, иако, неофицијално, наредбата за приведување на Камчев не потекнала од кај нив, туку само предлогот за притвор откако биле известени дека Камчев имал намера да бега.

Без одговори од надлежните, самите дојдовме до најверојатната причина. Ако се отвори Кривичниот законик (КЗ) и се побараат делата како „изборна измама“ и „повреда на тајноста на гласањето“, за кои првично се „товарел“ Камчев во службената белешка, ќе ги најдете во членовите од 158 до 165 во КЗ. Ако, пак, се отвори Законот за кривична постапка (ЗКП) и се побараат категориите лишување од слобода, притвор и основи за изрекување притвор, ќе ги најдете во членовите од 158 до 165 за ЗКП.
Најверојатното сценарио е дека некој, некаде, наместо да се повика на Законот за кривичната постапка (каде се опишува процесот на лишување од слобода и притворање), по грешка се повикал на членовите со ист број но од Кривичниот законик (кој ги опишува видовите на кривични дела и санкции за истите). Ако лишувањето на слобода го побарало Обвинителството, тогаш грешката ја направил обвинител. Доколку наредбата за лишување од слобода на Камчев не дошла од обвинител, тогаш се отвора прашањето – кој го сторил тоа?