На средбата се разговарало и за реформите предвидени со „Агенда: Европа дома“
За неодамна усвоениот владин План за борба против корупцијата разговарале на вчерашната средба премиерот Зоран Заев и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Брнз,
Како што соопштија од кабинетот на Заев, тој истакнал дека Владата е целосно посветена на спроведување на Планот, како системски организиран процес за зајакнување на капацитетите и за синхронизирање на активностите на институциите за бескомпромисна борба против корупција, непотизам, судир на интереси и злоупотреби на позициите. Амбасадорката, како што се наведува, ги поздравила ваквите напори.
Премиерот Заев и амбасадорката Брнз, се наведува, разговараа и за реформите предвидени со „Агенда: Европа дома“, во која, освен утврдените чекори за борба против корупцијата, се вклучени и мерки за обезбедување европски стандарди за изборните реформи, за правосудството, темелните човекови права, реформите во медиумската сфера, економско владеење, реформа на јавната администрација, како и за реформите во областа на животната средина и климатските промени.
Со посебно внимание, премиерот Заев и амбасадорката Брнз се задржале на можностите за унапредување на економската соработка и за пројавениот интерес на некои компании од САД да инвестираат во Северна Македонија, се посочува во соопштението.
