Со тоа се решава просторниот проблем на ДКСК и се овозможува ставање во функција на софтверот и опремата за поврзување со другите 17 институции од кои треба да се црпат информации
Државната комисија за спречување на корупцијата почна со вселување во новите простории, кои се на површина од 2 430 квадратни метри, на три ката, во зградата на Службата за општи и заеднички работи, спроти МНР.
Со тоа се решава просторниот проблем на антикорупционерите и се овозможува ставање во функција на софтверот и опремата за поврзување со другите 17 институции од кои треба да се црпат информации при откривање случаи поврзани со корупција и судир на интереси.
„Со ова конечно се решава еден наследен проблем, по неколку обиди за обезбедување соодветни простории за функционирање и работа“,
изјави денеска вицепремиерот за спречување корупција Љупчо Николовски, по увидот во новите простории, заедно со директорот на СОЗР Пеце Мирчевски и претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.
Тој рече дека со одлука на Влада од буџетот се одвоиле и 49 милиони денари за изработка на регистар за избрани и именувани лица, електронско доставување на изјавата за имотна состојба и интереси и нивно објавување. Тоа е систем на прибирање податоци од други институции, нивна обработка, модул за менаџирање со документи и одржување на целокупниот регистар, за што е објавен меѓународен тендер.
Претседателката на ДКСК рече дека конечно решиле еден од најголемите проблеми на Комисијата, да има сопствен простор каде што ќе може соодветно да функционира.
„Со тоа одговараме на обврските пред меѓународната заедница, која ни испорача помош во вид на опрема – сервери, за што конечно во овие простории најдовме соодветни услови. Со тоа се решава едно големо прашање“,
изјави Ивановска.
Во истата зграда со ДКСК се сместени и Финансиската полиција и Управата за разузнавање.
Со новиот буџет за 2021 година ДКСК има и 38 милиони денари за доопремување и модернизирање.
