Комората на сметководители непосредно пред изјавата на Бектеши побара рокот да се пролонгира до 31 март бидејќи половина од нив биле болни од ковид
Нема да има пролонгирање на роковите за завршните сметки, им одговори усно министерот за економија Крешник Бектеши на сметководителите кои неколку минути пред неговата прес-конференција го упатија ова барање, со образложение дека не можеле да стигнат бидејќи речиси половината имале ковид.
„Веќе направиме консултации во рамки на институциите и како Министерство за економија, заедно со Министерството за финансии, УЈП и Централниот регистар одлучивме да нема пролонгирање на роковите за завршните сметки. Мислиме дека сметководителите и не биле толку погодени од пандемијата“,
истакна Бектеши.
Десетина минути претходно, пред Министерството за економија, прес-конференција одржа Александра Андреева од Управниот одбор на Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори. Таа соопшти дека речиси 50 отсто од сметководителите биле болни од ковид од почетокот на пандемијата и побара рокот за доставувањето на годишните извештаи и завршните сметки да се пролонгира до 31 март.