Обвинетиот извлекол 8 500 евра од четиричлено семејство со ветување дека ќе им обезбеди иселенички визи за Австралија. Парите ги зел и „исчезнал“. Судската постапка против него се развлекуваше со постојани одложувања на рочиштата, сè додека случајот не доби медиумско внимание, вели адвокатката на оштетеното семејство
По серијата одложувања на рочиштата, обвинетиот, наводен посредник за визи, Д.М. од Прилеп, денеска конечно се појавил во судница и признал вина. Тој, на четиричлено семејство од Скопје, во 2017 година им ветил експресно добивање визи за Австралија за надомест од 8 500 евра, но откако им ги зел парите, му се губи трага. Обвинет е за измама со сторена штета од поголема вредност, за што е предвидена казна од три месеци до пет години затвор. Кривична пријава е од 2018 година, а обвинетиот денеска првпат се појавил лично во судница.
„Обвинетиот денеска конечно кажа дека ги зел парите во истиот износ што го побаруваме, го призна делото и рече дека ќе ги врати. Бидејќи од страна на обвинетиот има признание на вина (што се смета за олеснителна околност), јас како полномошник на оштетените му предложив на Судот, во случај да има условна казна – да му даде двоен услов. Тоа значи освен во одреден временски период да не стори ново кривично дело, исто така во даден временски период и да ги врати парите кои се предмет на отштетното побарување. Доколку пак не ги врати парите во даден рок, предложивме да се активира ефективна казна затвор. На овој предлог, обвинетиот во завршен збор се согласи во целост“,
вели за „360 степени“ Весна Тренкоска, адвокатка на оштетеното семејство.

Последен, неуспешен обид за одложување
Адвокатката Тренкоска, во два наврата за емисијата „360 степени“, алармираше дека обвинетиот успева да ги одлага рочиштата со образложение дека имал операција во Турција, со боледувања, што Судот ги прифаќал како аргументи и се презакажувале рочиштата. Таа и оштетеното семејство безуспешно се обиделе да ја проверат веродостојноста на тврдењата за операција, преку граничната полиција и директно во турската болница.
И претпоследното рочиште минатиот месец се одложи поради позитивен тест на коронавирус на обвинетиот. На самата расправа се појавил полицаец и кажал дека сториле напори стражарно да го доведат во судница, но го затекнале во Центарот за јавно здравје каде им кажал дека е тестиран и дека треба да биде дома, во изолација. Затоа рочиштето се презакажа за денеска, 3 март, со согласност од сите учесници во постапката.
Но, денеска обвинетиот, кој првпат се појавува во прилепскиот суд, дошол без придружба од адвокат. Пред да признае вина, првично повторно се обидел да го одложи рочиштето, но Судот не му го прифатил предлогот.
„Судијата беше многу реален и го почитуваше законот. Уште на 22 февруари бранителот на обвинетиот барал одложување на денешното рочиште со писмен поднесок, ама судијата телефонски го известил дека не прифаќа одложување, заради тоа што согласно ЗКП за ова дело не е задолжителен бранител за обвинетиот. Судот му појасни на обвинетиот дека неговиот бранител бил известен оти одложување по тој основ нема да има, а обвинетиот доколку сакал, имал време да ангажира и нов адвокат. Откако случајот доби медиумско внимание, ние веќе забележавме поинаква атмосфера во судница“,
вели Тренкоска.
Со денешното рочиште, судската сага финишира. Оштетените треба да пријават трошоци за постапката, а пресудата Судот ќе ја соопшти најдоцна за 15 дена.
Апсурдно или не, додека измамените емигранти за Австралија со години тераат правна битка, истиот човек е пријавен од друго семејство. Во август 2020 година полицијата соопшти дека ветувал визи за САД, земал пари и, откако ги извисил клиентите, заработил кривична пријава.
Внимателно со посредниците
Обвинителството не ни одговори колку постапки се отворени за вакви дела, иако е јавна тајна дека многумина се обидуваат што побрзо да заминат од земјава. Постојат повеќе видови виза, како иселеничка, работна, туристичка, а цената и периодот до кога би се добила варира во зависност од тоа за која потреба се бара и која е посакуваната дестинација. Аплицирањето за визи за Австралија може да се направи самостојно – онлајн или во Амбасадата во Белград, Србија, оти кај нас земјата има само конзуларно претставништво. Нема ништо спорно ако се ангажира и посредник, но експертите во областа порачуваат дека изборот треба да се прави внимателно.
„Ако некој ветува сто проценти, тоа е тотална измама, значи не може никој да ја вети визата предвреме, бидејќи таа ја одобрува Министерството за емиграција на Австралија, а не некој што посредува. Јас би препорачал, прво, било кој што сака да аплицира за виза, сега конкретно кај мене е за Австралија, е да провери дали таа личност е регистрирана во Комората на агенти во Австралија, бидејќи, ако не е регистриран, нема одговорност, еве, најбитно е тоа. Од аспект, еве да кажеме, на процесот, ако не им се веродостојни тие информации или документи, можат во секој момент да се обратат во Министерството за емиграција или до најблиската амбасада и да ги проверат тие информации дали се точно како што им ветуваат тие што им помагаат“,
изјави за магазинското издание на „360 степени“, Дејан Трајковски, регистриран агент за иселеништво, кој посредува за визи исклучиво за Австралија.

Австралија е традиционално „ветена земја“ за Македонците. Интересот за иселување и сега е голем, но за заминувањето да не се претвори во замајување потребно е и да не се верува секому.
Повеќе на ова тема: