Амбасадата на Народна Република Кина во Скопје демонстрира желба и подготвеност за соработка во однос на набавката на вакцини против ковод-19. Во изјава за ТВ 24, од амбасадата изразуваат задоволство од фактот што Северна Македонија се одлучила за нивните вакцини, со што е покажана доверба кон Кина.
„Кинеската страна ги поддржува релевантните претпријатија да комуницираат со владата на Северна Македонија за набавка на вакцини. Кина е подготвена да продолжи да работи заедно со Северна Македонија на вакцините против ковид-19 и да и помага во нејзината борба против пандемијата“,
велат од Кинеската амбасада за ТВ 24.
Инаку, министерот за здравство, Венко Филипче во неделата информира дека Владата решила да го повлече авансот даден за вакцини од кинеската компанијата „Синофарм“, но со укажување дека тоа не значи дека вакцините нема да стигнат.
Премиерот Заев пак, денеска, без да прецизира термин укажа дека наскоро очекува да стигнат вакцините од директните преговори со Фајзер. Според него, планот на оваа компанија бил прво да ја снабди Албанија, која веќе ги доби, а веднаш по неа вакцините да бидат испорачани за Северна Македонија, па потоа и на Црна Гора, Косово и на Босна и Херцеговина.
Досега во Северна Македонија беа донесени 8000 вакцини од Фајзер, и тоа како донација од Србија.