Осомничените и повеќе други лица, според јавното обвинителство, почнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки…, во обид да го пробијат полицискиот кордон
Скопското јавно обвинителство до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе предлози за определување притвор за уште тројца учесници на насилните протести за пресудата за случајот „Монструм“.
Тројцата осомничени се товарат за „учество во толпа која ќе изврши кривично дело“, согласно со член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените, од кои двајца се на возраст од 29 години и еден 22-годишник, на 26 февруари учествувале на јавниот собир на граѓани во Скопје, односно на протестот за пресудата во предметот „Монструм“.
Според Обвинителството, тие биле дел од толпа која со заедничко дејствување сторила насилства кон полициски службеници и други присутни лица.
„Осомничените и повеќе други лица почнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници.Бидејќи постојат околности кои упатуваат дека осомничените би можеле да се дадат во бегство или да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд – Скопје достави предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Претходно, за истиот настан, Основното јавно обвинителство – Скопје поведе постапка за двајца други учесници во протестите.