Основното јавно обвинителство (ОЈО)-Скопје бара притвор за двајца учесници на вчерашниот протест против пресудата за предметот „Монструм“. Станува збор за две лица на возраст од 19 и 22 години кои обвинителството ги сомничи за учество во толпа која ќе изврши кривично дело.
Од ОЈО Скопје велат дека притворот го бараат од две причини: дека осомничените може да се дадат во бегство или да го повторат делото.
„По завршувањето на говорот на организаторот на протестот, осомничените и повеќе други лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници“,
велат од ОЈО Скопје.
Оттаму најавуваат и дека откако МВР ќе ги комплетира кривичните пријави и за други лица кои извршиле насилство на протестот, и за нив ќе поведе кривична постапка.
Вчерашните протести организирани од роднините на неправосилно осудените во „Монструм“, следуваа откако Основниот кривичен суд во Скопје во вторникот ја изрече пресудата за петкратното убиство кај Смилковско езеро пред речиси 9 години. Со првостепената пресуда на доживотен затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири на 9, а Фејзи Азири на 15 години за помагање. Сами Љута доби ослободителна пресуда откако обвинителството се откажа од негово гонење поради немање докази за вмешаност во петкратното убиство.
Ова не беа први протести организирани од роднините од осудените. Тие протестираа и по завршните зборови на обвинителството во кои Фатиме Фетаи остана на обвинението за тероризам и ги побара најстрогите казни.
Случајот во јавноста познат како „Монструм“ се однесува на петкратното убиство кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година. На самото место беа убиени четири момчиња од македонска националност на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски и 45-годишниот Борче Стевковски од селото Црешево.
Пресудата изречена во вторникот е втора донесена од Кривичниот суд откако претходно Врховниот суд ја укина првата и го врати предметот на повторно судење. Во првиот судски процес сите шест лица беа осудени на доживотен затвор за тероризам.