Градоначалникот Наумоски, пак, во пресрет на најавените протести, вчера рече дека тие се политички и тврди дека таквите планови се донесени уште пред да дојде новата локална власт. Тој порача и оти јадрото на Ѓорче мора да се развива, а уверува дека паркот и зеленилото во Општината се заштитени
Протест против бетонизацијата и градење десетици висококатници предвидени со деталните урбанистички планови во Општина Ѓорче Петров, денеска половина час го блокираше кружниот тек во оваа скопска општина. Протестот го организираше граѓанската иницијатива Против урбаното дивеење која од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, побара да ги одобрува ДУП-овите.
Присутните на протестот го блокираа кружниот тек со возила велејќи дека на таков начин го изразуваат револтот од 20-тина планови кои Општината планира да ги донесе во текот на оваа година.

„Во паркот во Ѓорче Петров се предвидени 15 згради со висина до 33 метри. Во Јурија се предвидени околу 20 згради со висина од 60 метри. Има висококатници спроти пазарот во Ѓорче, во Хром има 100 нови згради. Кај паркот во Ѓорче се предвидува 1 300 нови жители, во Јурија околу 4000 нови жители, во Хром исто така“,
изјави Горан Костов од иницијативата.
Тие бараат средба со министерот Бочварски, а ако не ги сослуша рекоа дека ќе бараат помош од премиерот Зоран Заев.
Исто така, најавија и нови протести.
Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски, пак, во пресрет на најавените протести, вчера рече дека тие се политички и тврди дека таквите планови се донесени уште пред да дојде новата локална власт. Тој порача и оти јадрото на Ѓорче мора да се развива, а уверува дека паркот и зеленилото во Општината се заштитени.
„Ако детално се види, тоа е ДУП донесен од 2014, а Министерството за транспорт пред неполни шест месеци даде позитивно мислење. Заедно со Градот Скопје бидејќи знаете дека ДУП-овите кога се носат одат на амин во Градот, па во Министерството. Запазени се сите параметри согласно Законот за урбано и просторно планирање согласно Законот за градење, новиот правилник кој е на сила кој се донесе за хумано живеење. Мора јадрото на Ѓорче да има некаков развој, дадовме ние одредена висина на одредени места, на одредени места се намали, меѓутоа се заштити паркот, се зголеми функционалноста, како на зеленилото, така и на јавните површини. Замислете сега некој кој го донел истиот ДУП, со иста бруто развиена површина, кој не ги средил правните работи во делот на сопственоста, ние тоа го поправаме, а истите тие се бунат. Нема логика, тоа што го прават е само гола политика“,
изјави Наумоски.