Потребен е единствен парламентарен надзор врз безбедносните служби и секоја развиена демократија треба да има вакво тело, вели постариот истражувач во Центарот за европски стратегии „Евротинк“, Александар Стојановски.
Тој во вечерашната дебата на „360 степени“ зборуваше за случајот со прислушкувањето, односно случајот „Таргет-тврдина“, за кој денеска имаше првостепени судски пресуди. Зборувајќи како да се промени системот, односно во иднина да не се случуваат такви масовни прислушкувања од страна на институциите на државата, Стојановски вели дека потребен е надзор врз безбедносните служби.
„И праксата и искуството покажуваат дека каде што има волја во некој процес може да се достигнат брзи резултати. Потребно ќе биде време за да се створи таа култура на одговорно, транспарентно и законско работење од страна на оние кои треба да го вршат надзорот. Идејата којашто ја застапуваме е дека треба да се донесе закон за парламентарен надзор, кој ќе ги обедини фрагментираните тела. Имаме некои предлози во смисла на составот, мандатот, инфраструктурата. Тоа тело би било за парламентарен надзор и во секоја развиена демократија треба да постои. Претставниците на парламентот да имаат инфраструктура, надлежности и знаење за да може да го спроведуваат ефективно надзорот. Вториот сегмент пак е, воведување на вонпарламентарно тело за демократски надзор врз безбедносните служби и целиот тој апарат што ќе биде слично како Државната комисија за спречување на корупција. Именувано од парламентот, но лоцирано надвор од парламентот. Има ваков пример во Белгија“,
вели Стојановски.
