Со положување цвеќе на гробот и на спомен-обележјата во чест на поранешниот претседател Борис Трајковски, денеска беше одбележана 17-годишнината од неговата смрт во авионската несреќа во Ротимље во близина на Мостар, Босна и Херцеговина.
Претседателот Стево Пендаровски, освен што денеска го посети гробот на Трајковски, тој положи свежо цвеќе и на вечните почивалишта на загинатите членови на делегацијата: Димка Илкова-Бошковиќ, Ристе Блажевски, Миле Крстевски, Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Делегации на кабинетот на Претседателот денеска положија свежо цвеќе и пред спомен-обележјето на местото на несреќата во Ротимље и на вечното почивалиште на Анита Кришан-Лозановска на гробиштата во Велес.
Од кабинетот на Пендаровски информираат дека Владата ја прифати неговата иницијатива за изменување и дополнување на Законот за одликувања и признанија на Република Македонија и воведување две нови одликувања во Република Северна Македонија: Орден „Киро Глигоров“ и Орден „Борис Трајковски“. Надлежните министерства имаат рок од 60 дена да ги подготват законските измени.

„Иницијативата на претседателот Пендаровски за воведување на одликувања од највисок ред се посветени на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски, кои со својата работа и активност, во исклучително тешки и чувствителни моменти во нашата држава, оставија неизбришлива трага. Орденот ‘Киро Глигоров’ и Орденот ‘Борис Трајковски’ ќе се доделуваат за мир и за мултикултурно општество“,
информира прес-службата на Пендаровски.
Членовите на Владата денеска, исто така, положија венци со свежо цвеќе на гробот и на спомен-обележјата во чест на претседателот Борис Трајковски.
Делегацијата составена од министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Бујар Османи и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска положија венец со свежо цвеќе на гробот на претседателот Трајковски на градските гробишта „Бутел“ во Скопје.
На споменикот на претседателот Трајковски во Струмица, пак, свежо цвеќе положи владина делегација, која ја сочинуваа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски.
Сторија на „360 степени“ направена за 15 години од смртта на претседателот Борис Трајковски:
Во авионската несреќа, која се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова-Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.
