Испитните програми по сите предмети што се опфатени со државната матура (екстерни и интерни) ќе бидат скратени, што, покрај намалувањето на бројот на екстерни испити, беше второто барање на Средношколскиот сојуз поради отежнатите услови во кои се одвива наставата од почетокот на епидемијата
Средношколците во завршна година, кои до крајот на декември пријавија дека ќе полагаат државна матура, од 22 февруари до 5 март одново се пријавуваат во училиштата за да ги променат предметите што ќе ги полагаат откако минатата недела беше постигнат компромис за измени на концепцијата за оваа генерација матуранти.
Министерката за образование и наука вчера ја потпишала изменетата концепција за државна матура која до понеделник ќе ја имаат и училиштата.
Новото пријавување/регистрирање важи само за 15 295 ученици, кои до законскиот рок (31 декември 2020) се пријавија за државна матура, односно изменетата концепција не им овозможува премислување на оние ученици кои до крајот на минатата година пријавиле училишна матура или стручен испит.
Што ќе се полага и кога?
Според договорот меѓу Владата и Средношколскиот сојуз, наместо три, ќе се полагаат два екстерни испита зашто третиот екстерен преминува во интерен, покрај другиот интерен што веќе постоеше во концептот, а останува и изработката на проектната задача.
Со поместените рокови, првиот екстерен ќе се полага на 5 јуни (со тестот по мајчин јазик), а вториот на 11 јуни и е изборен предмет. Но, најпрво треба да ја положат проектната задача (од март до крајот на април) пред училишна комисија и онлајн, за што се утврдени протоколи.
Првиот екстерен испит е задолжителен за сите матуранти – мајчин јазик (македонски, албански јазик или турски) и литература. Вториот екстерен испит е изборен – матурантите во гимназиите и во средните стручни училишта може да избираат помеѓу математика и странски јазик (англиски, германски, француски или руски), а во уметничките училишта е овозможен избор помеѓу странски јазик и естетика – за училишта за музичко образование и помеѓу странски јазик и филозофија – за училишта за ликовно образование.
Двата интерни испита матурантите ќе ги избираат од Листата на наставни предмети која Државниот испитен центар ја објави на својата веб-страница во Упатството за пополнување на пријавата. Листата содржи 14 предмети за гимназиското образование, седум за стручното и четири за уметничкото образование.
Испитните програми по сите предмети што се опфатени со државната матура (екстерни и интерни) ќе бидат скратени што, покрај намалувањето на бројот на екстерни испити, беше второто барање на Средношколскиот сојуз, поради отежнатите услови во кои се одвива наставата од почетокот на епидемијата.
Согласно договорот со матурантите, училиштата треба и најмалку три недели пред полагањето на интерните предмети да истакнат базени на прашања, а најголем дел од училиштата тоа и досега го практикувале. Но базенот на прашања, вели директорката на ДИЦ, нема да ги содржи само оние што ќе се паднат на интерниот испит, туку тоа ќе бидат поголем број прашања и задачи. Од нив, училишните комисии за секој предмет ќе изберат за да ги подготват тестовите за интерните испити, а овие комисии исто така и ги оценуваат матурантите.
Повторното пријавување им овозможува на околу 15 300 матуранти да ги заменат предметите кои претходно ги пријавиле и да ги изберат оние што се соодветни за студиите што ги планираат и кои носат и повеќе поени при уписот на универзитет.