Најголемата фармацевстка компанија во земјата, „Алкалоид“, денеска го објави единечниот баланс на успех за работењето во 2020 година. Во 12 месеци кои ги обележа ковид-19 кризата, фирмата ја зголемила продажбата, инвестициите и добивката.
Продажби
Според соопштението на „Алкалоид“, во периодот јануари-декември 2020 година, продажбите достигнале нешто повеќе од 149 милиони евра (9.188.259.186 денари). Тоа е за 9% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 197 милиони евра (12.132.328.349 денари) што, исто така, е за 9% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Консолидираните продажби остварени и на домашниот и на странските пазари се зголемени за по 9%. Од вкупните консолидирани продажби, 35% се остварени на домашен пазар, додека 65% се остварени на странските пазари.

Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20%, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 10%, а на другите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби.
Најзабележителен раст е остварен во Чешка, раст од 44%, Албанија бележи раст од 42%, Грузија раст од 31%, Унгарија раст од 29%, Ерменија раст од 20%, Бугарија раст од 18%, Романија раст од 15%, Србија раст од 14%, Словенија раст од 12%, Русија раст од 10% итн. Во 2020 година реализирани се првите продажби на сегментот Фармација во Канада во вредност од 30,4 милиони денари..
Во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 87%. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 13% во вкупните консолидирани продажби.
Добивка и инвестиции
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), велат од „Алкалоид“, изнесува близу 32 милиони евра (1 959 849 982 денари). Тоа е за околу 10% повеќе од 2019 година. Нето-добивката, пак, е околу 18,6 милиони евра (1 142 650 910 денари), што е зголемување за 13%.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) е близу 34 милиони евра (2 077 934 491 денари) и бележи раст од 12%, додека консолидираната нето-добивка во износ од близу 19 милиони евра (1 167 484 742 денари) е зголемена за 15%.
Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануари-декември 2020 година, изнесуваат околу 25 милиони евра (1 571 226 812 денари), што е за 44% повеќе во однос на истиот период од 2019 година.
Реализацијата на инвестициските активности, вредни над 12 милиони евра, наменети за проширување на производните капацитети, како и за подобрување на енергетската ефикасност и за намалување на штетните емисии во воздухот, кои започнаа во 2019 година, се одвива во согласност со планираното.
Вработени
Во периодот јануари-декември 2020 година, од „Алкалоид“ соопштуваат дека спровеле 210 нови вработувања во Р.С.Македонија. На крајот на декември 2020 година за компанијата работеле вкупно 2 392 луѓе, од кои 1 832 во земјата и уште 560 во странство.

Регресот за користење годишен одмор исплатен во март 2020 изнесувал 29 687 денари бруто, а вроботените добиле и единечен бонус од 25 000 денари пред нова година, поради ангажманот во отежнати околности поради ковид-19.
Акции бизнис-план за 2021 година
Цената на акцијата на „Алкалоид“ на Македонската берза, во периодот јануари-декември 2020 година, се движела од 8.354,00 денари до 13.499,00 денари или просечно 12.174,86 денари за една акција, велат од компанијата. Таа цена претставува раст од 28% во споредба со просечната цена во истиот период од 2019 година. Пазарната капитализација на компанијата на 31.12.2020 изнесувала 18,9 милијарди денари.
Бизнис-планот за 2021 година, предвидува инвестирање на околу 12% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7% на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година.