Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по ексдиректорот на УБК, кој од неделата е недостапен за полицијата
Премиерот Зоран Заев изутринава ги собрал на состанок сите шефови на институциите, кои имаат надлежност во врска со бегството на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
Тој од нив уште еднаш побарал, согласно нивните надлежности, да го лоцираат Мијалков.
Од Владата преку соопштение објавија дека Заев им посочил дека нивна обврска е кон граѓаните, кои очекуваат детално објаснување, да дадат јасни одговори на сите прашања за овој случај, без каков било компромис со правдата и одговорноста.
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, кој од неделата е недостапен за полицијата.
Тоа отвори многу дилеми и предизвика реакции од повеќе страни, како и барања за одговорност и истрага за евентуални пропусти од надлежните институции.
Полицијата во неделата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор, што како мерка на претпазливост, на барање на обвинителството, го донел Кривичниот суд.
Тој е еден од обвинетите за нелегалното прислушување на над 20 илјади граѓани во периодот од 2008 до 2015 година. Обвинителството во завршните зборови за „Таргет-Тврдина“ побара максимална казна за Сашо Мијалков, а пресудата треба да биде објавена в петок, на 26 февруари.
