Министерството за здравство информира дека секретарот на болницата ќе биде разрешен од позицијата
Секретарот на болницата во Охрид ќе биде разрешен и суспендиран поради вакцинирањето против ковид-19 во првата група предвидена за здравствените работници од ковид-центрите.
„Директорот на Општата болница во Охрид денеска ќе го разреши и суспендира секретарот на болницата, кој спротивно на Националниот план за ковид-имунизација се вакцинира преку ред во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести во Скопје“,
соопштија од Министерството за здравство.
Како што се наведува, Министерството за здравство ја осудува секоја злоупотреба и прекршување на приоритетните групи опфатени во трите фази на ковид-имунизација.
„Укажуваме дека никој, кој не е здравствен работник, опфатен во првата група, од првата фаза за имунизација, не смее да се вакцинира. Министерството за здравство апелира до сите здравствени установи, кои ги изготвуваат списоците за вакцинација и ги испраќаат до националниот систем ‘Мој термин’, дека за непочитување на планот и стратегијата за вакцинација, како и за секоја злоупотреба на процесот ќе следуваат строги санкции“,
велат од ресорното Министерство.
Директорот на Општата болница во Охрид, Горан Балевски, признава дека имало пропуст во списокот со лица вакцинирани против ковид-19, но сепак смета оти се работи за изолиран случај, конкретно за лице активно вклучено во секојдневните активности за спречување на ширењето на заразата.
Балевски, вчера во изјава за МИА, рече дека од Министерството за здравство им било дадено овластување сами да ги прават списоците за вакцинација, здравствените работници сами да се пријавуваат за вакцинирање, со напомена дека сепак приоритет има медицинскиот персонал.
„Овде не се работи за лице од медицинската служба, станува збор за организациски секретар во болницата, но лице што е активно вклучено во сите активности поврзани и со епидемијата. Ние имаме служби што не се медицински во болницата, а во овие услови се исклучително потребни за секојдневното работење на установата, некои технички служби се дури и неопходни за нормално функционирање на болницата во вакви ненормални услови“,
рече Балевски.
Тој уште појасни дека лицето се пријавило за вакцинирање откако од списокот испаднале неколку здравствени работници кај кои имало регистрирани антитела, односно биле позитивни на ковид-19.
