Новиот спортско-рекреативен центар на брегот на Вардар во Гостивар е долг околу половина километар, опремен со разни спортски реквизити и со специјална атлетска подлога за трчање и пешачење. Она што го прави центарот посебен, сепак, не е неговиот изглед.

Идејата за изградба на оваа патека ја дале самите граѓани на Гостивар. Сега е очигледно дека ова им е омилено место за рекреација.
„Гостиварци немаат многу места за релаксација. Ова е едно од тие места што навистина вредат и е убава работа за секој град, а не само за Гостивар.“, вели еден гостиварец.
„Да има барем два километри. Ова е кратко. Но, за децава убаво е, не е лошо. Воздух убав, Вардар е добар. Не е лошо, убаво е“,
вели друг жител на Гостивар.
Спортско-рекреативен центар во Гостивар, од идеја до реализација, нема да бил можен без механизмот наречен „Форуми во заедниците“. Станува збор за програма поддржана од швајцарската Агенција за развој и соработка, преку која граѓаните даваат идеи за развојот на својата заедници и учествуваат во донесувањето одлуки.
вели Флоранда Муареми – иницијатор за изградба на рекреативниот центар во Гостивар.
„Искрено чувството е преубаво затоа што јас сум човек што сака да придонесе за заедницата во којашто живеам и цело време се трудам да го правам тоа и кога веќе се реализира нешто вакво навистина е гордост да излезеш и да видиш како всушност сите граѓани се задоволни од тоа и го користат“,
За идеите на граѓаните да станат реалност, помага донаторот, но главната цел е општината да ги слуша граѓаните и да плати дел од проектите. Во случајот на гостиварскиот спортски центар, изградбата чинела околу 250 илјади евра од кои 50 илјади се обезбедени од швајцарските фондови, а остатокот од општинската каса.

Овој апарат, поставен во седиштето на Општината Тетово, е т.н. електронски-киоск. На жителите на една од најбројните општини ќе им го олеснува пристапот до одредени услуги, како вадење различни документи.
„Со него граѓаните ќе имаат поголеми можности за извршување на плаќањата и да ги избегнат гужвите во време на пандемија“,
вели Беким Мемети, претседател на Советот на општина Тетово.
Ваков е-киоск е поставен и во Општината Гостивар. Од колкава помош ќе бидат апаратите допрва ќе се види бидејќи тие сѐ уште не се пуштени во употреба. Според претседателот на Советот на Општина Тетово, останува да се завршат неколку технички прашања со банките за апаратот да проработи.
Преку истиот механизам, „Форуми во заедниците“, комплетно е обновен ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ во Куманово. Тоа е прво „освежување “ на објектот изграден во 60-ите години на минатиот век. Освен што учениците ќе се вратат во реновирани соби кога ќе заврши пандемијата, направени се и неколку апартмани кои можат да послужат за сместување лица со попреченост, жртви на семејно насилство, како и луѓе чии домови се зафатени од пожар или природна непогода.
Идејата за реновирањето ја дало раководството на Домот, а таа е реализирана во соработка со Североисточниот плански регион и Министерството за локална самоуправа.
„Оваа година беше претежно социјална инклузија на лица со посебни потреби и луѓе од рурални средини. Така што, ние тука некаде сѐ најдовме. Тука видовме можност дека можеме да ја реализираме нашата идеја, да го реновираме домот и воедно да направиме подобри услови за учениците коишто доаѓаат кај нас“,
вели Љубица Павловски, в.д. директорка на домот.
Обновата траела три и пол месеци додека домот беше празен. Во моментов, во него престојуваат 35 ученици, претежно од Источна Македонија. Меѓу нив е Јована Пицанова од Кратово, која следи практична настава со физичко присуство во медицинско училиште, поради што и престојува во домот.
„Тука повеќе време поминуваме отколку дома. Тука сме од понеделник до петок. Тука треба да јадеме, да спиеме, тука треба, исто така, да учиме. Сега е подобро. Навистина сме многу благодарни за новите услови дека се е реновирано, се е ново“,
вели ована Пицанова, ученичка во домот.
„Форуми во заедниците“, сепак, не е единствениот канал преку кој и граѓаните и институциите „вежбаат“ демократија. Ова се Мартина и Рамадан. Тие се дел од 16 т.н. мобилизатори на заедницата. Нивна задача е да ги поттикнат граѓаните самите да ги следат ветувањата на политичарите откако ќе влезат во власта и да бараат отчет и одговорност за се што не е сработено.
„Мој предмет на следење е всушност отворањето на младински културни центри коишто според програмата на Влада се предвидени во неколку града. Поради новонастанатата ситуација со корона-кризата сите работи беа одолговлечени, па нема некои конкретни отворања на вакви центри, но во тек е постапка за набавка на опрема за некои од овие предвидени центри во неколку града“,
вели Мартина Јачевска, мобилизатор на заедницата.
„Во моментов работам на проект наречен „Изградба на основно училиште во Речица“. Тоа е проект ветен пред речиси 6 години, но започна да се реализира два месеца пред парламентарните избори и веќе, според информациите што ги имаме од Министерството за образование и наука, работата е започната и се одвива динамично и слободно можеме да кажеме дека во првата фаза тие се речиси завршени“,
вели Рамадан Муртезани, мобилизатор на заедницата.
Без странска помош, невидливи би останале и редица „вообичаени“ проблеми. Велешани, на пример, кога ги мачи еколошки проблем, често се обраќаат во еколошкото друштво „Вила Зора“ кое опстојува со грантови од донатори.
Во име на граѓаните, на пример, се пожалиле дека една компанија, и покрај добиената А-интегрирана дозвола, создава силна бучава, потреси од минирање и загадување на воздухот.
„Поднесовме една претставка најпрво до државниот инспекторат за управна постапка за да се изврши ревизија за веќе сега добиената А-интегрирана дозвола за работа. Тогаш направивме една петиција на којашто се потпишаа граѓаните на двете населби. На петицијата учествуваа 136 граѓани“,
вели Сашка Коцевска, од еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес.
Немаат информација дали е направена ревизијата, но велат дека сега граѓаните помалку се жалат на работењето на компанијата. Во друг случај, поднеле претставки против компанија за, како што велат, честите хаварии, како излевање мазут во реката Вардар.
„Прво реагираше риболовното друштво од Велес. Бевме, сликавме на лице место. Баравме и вонреден инспекциски надзор за да се види работата, што се случило. Беше констатирано дека истекол мазут и затоа се случила таквата катастрофа“,
вели Сашка Коцевска, од еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес.
Компанијата била казнета, а за случајот во тек е судска постапка. Од „Вила Зора“ велат дека не се против работата на која било компанија, но бараат да ги почитуваат еколошките стандарди. Апелираат граѓаните да алармираат за сите неправилности.