Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и премиерот Зоран Заев денеска го означија почетокот на проектот за реновирање на кејот „13 Ноември“
За четири месеци, со 1,5 милиони евра, кејот кој досега беше диво паркиралиште ќе се трансформира во простор за пешаци и велосипедисти
Град Скопје денеска го промовираше проектот за уредување на кејот „13 Ноември“ покрај ГТЦ, со што ќе се стави крај на самоволието на некои што го користеа овој дел за движење и за паркирање на возилата.
Како што најави градоначалникот Петре Шилегов, паралелно со поплочувањето и уредувањето на Кејот, ќе се воведе временски период кога одредени возила со дозвола ќе можат да поминуваат: од 8:00 до 9:00 и од 14:00 до 17:00 часот, за вработените во „Телеком“ и за дотур на стока.
Шилегов најави дека и за угостителите што имаат објекти тука ќе мора да ги унифицираат терасите и ќе бидат поставени така што дрворедот треба да биде во прв план.
„Конечно се спречува самоволието и хаосот на непрописно паркирани возила кои последните десетина години го правеше небезбедно и движењето на пешаците и работењето на угостителските објекти“,
изјави Шилегов.
Проектот за партерното уредување ќе чини 88,6 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на Град Скопје. Во рок од четири месеци ќе се уредува површина од 12 500 квадратни метри, која го поврзува плоштадот со улицата „Стив Наумов“.
Предвидено е ново поплочување, патека за лица со инвалидност, дрворед, ќе бидат поставени клупи, нова урбана опрема, смарт-клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниера, канделабри, рефлектори за осветлување…