Шесте пункта, кои почнаа со работа во средата, ќе работат двосменски и утре, па потоа процесот на имунизација ќе продолжи од понеделник
За два дена во пунктовите за вакцинација во модуларната болница при Клиничкиот центар се вакцинирани 453 здравствени работници од ковид-центрите, соопшти Министерството за здравство.
Шесте пункта, кои почнаа со работа во средата, ќе работат двосменски и утре, па потоа процесот на имунизација ќе продолжи од понеделник.
Вакцинација е со дози на „Фајзер“, кои минатиот викенд пристигнаа како донација од Србија.
Кон крајот на месецов се очекуваат да стигнат и 200 000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“, а преку Ковакс се резервирани 833 000 дози вакцини.
Според најавите, првите вакцини што ќе пристигнат преку Ковакс ќе бидат од производителот „Астра Зенека“. Од оваа вакцина за нашата земја се предвидени помеѓу 103 200 и 175 200 дози, од кои околу 35% треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината.
Во меѓувреме, тече и пријавувањето на веб-страницата vakcinacija.mk, како и преку матичен лекар за сите граѓани над 70 годишна возраст за кои вакцинацијата започнува веднаш после здравствените работници опфатени во првата фаза.
Досега на веб-страницата изразиле желба за вакцинација 58 500 граѓани, а преку матичен лекар се пријавиле 32 917 граѓани над 70-годишна возраст.