Според владиниот портпарол, работата на одредени точки од акцискиот план може да почне веднаш
Во завршна фаза е усогласувањето на еден единствен акциски план со Бугарија, соопшти денеска владиниот портпарол Душко Арсовски, во врска со новиот пристап во разговорите со Бугарија што го најави шефот на дипломатијата Бујар Османи.
„Владата цело време е силно мотивирана низ дијалог да се најдат заеднички точки за отворените прашања. Експертските тимови од министерствата за надворешни работи се во постојана комуникација. Министерот Османи најави нов пристап растоварен од емоции што е дополнителен поттик на процесот“,
истакна Арсовски.
Според него, работата на одредени точки од акцискиот план може да почне веднаш.
„Такви точки се инфраструктурата, спортот, образованието, информатичкото општество, туризмот и други обврски што се на двете страни, со цел да го јакнеме пријателството помеѓу Северна Македонија и Бугарија. Во духот на конструктивноста, Владата секогаш комуницира со внимателен и достоен дипломатски наратив, со апел да негуваме говор и комуникација што ги приближуваат разликите“,
рече портпаролот.
Арсовски истакна дека секој јавен настап, без оглед од која страна доаѓа, треба да биде во функција на создавање на пријателски амбиент во кој полесно се доаѓа до решенија.
„Македонските позиции се познати и јавно потврдени: за македонскиот идентитет, народ и јазик не се разговара и нема да се преговара. Во исто време, апелираме да не се влегува во круг на навреди, обвинувања и говор на омраза, кои нема да донесат ништо добро за никого, а најмалку за македонскиот и за бугарскиот народ“,
потенцира тој.