Според шефот на дипломатијата, С Македонија не отстапува од ставот дека не смее да биде одвоена од Албанија во преговарачкиот процес, со оглед на тоа што самата ЕУ констатира дека и двете земји се подготвени за старт на преговорите
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи оцени дека постои разочарување во Северна Македонија и кај нејзините граѓани по блокадата на Бугарија во декември за преговарачката рамка, која требаше да го означи конечно формалниот старт на преговорите за членство во ЕУ.
Османи смета дека овој неуспех на ЕУ има опасни последици за целиот регион на Западен Балкан, како што оценува во разговор за МИА од Брисел по средбите што ги имаше по денешната посета на Белгија и вчерашната на Луксембург.
„Последиците се во влегувањето на регионот во голема непредвидливост во однос на ЕУ- перспективата. Знаете дека не успеаја ни преговарачката рамка за Северна Македонија, но ниту заклучоците за целиот регион, така што регионот влегува во непредвидливост, а во овие околности непредвидливоста е поопасна од негативен исход од некои процеси, затоа што тешко се подготвувате и се браните од непредвидлив период. Ние инсистираме на предвидливост“,
вели Османи.
Според него, сепак, полека се „кристализира“ бугарската позиција и станува појасно дека Софија „не ги спори идентитетските атрибути“.
„Нашите црвени линии во однос на идентитетските карактеристики, како јазикот, народот, етничката припадност… се јасни и бескомпромисни и драго ми е што Бугарија го искристализира својот став дека не ги спорат идентитетските атрибути. За да пристапите кон проблем треба добро да го дефинирате. Постојат различни перцепции и кај нас и во Бугарија, и во ЕУ. Ние не разговараме за идентитетските атрибути, прашањето што го покрена Бугарија се историската основа на тие атрибути. Наш став е дека за историја може да разговараме во функција на образованието и во коригирање стереотипи што ги прикажуваат нашите народи како непријателски“,
изјави Османи за МИА.
Конкретно, како што нагласи шефот на дипломатијата, тоа значи дека Северна Македонија е посветена кон имплементација на Договорот за добрососедство од 2017 година и на работата на заедничката Комисија за историски и образовни прашања. Според него, тука треба да се работи на учебниците и „карактеризации од минатото“ кои ги повредуваат чувствата на бугарскиот сосед, како на пример употребата на епитетот „фашистички“.
„Мислам дека нема потреба да се квалификуваат народите врз основа на политичката ориентација на елитите од минатото, ниту сметам дека Германците или Италијанците или Бугарите се фашисти. Конкретната политичка ориентација на една елита од минатото не може да ни ги зароби односите со соседите и ако тоа е навредливо за Бугарија, нема да прифатам нешто што е навредливо за соседите, дури и ако сум во право. Тоа е најнормално помеѓу два соседи“,
изјави Османи.
Околу барањето на Бугарија да се вметне посебно поглавје во рамката за преговорите со земјава посветено на историските прашања, Османи вели дека тоа е нешто што ниту самата ЕУ не го прифаќа.
„Мислам дека таа дебатата не е меѓу нас и Бугарија, туку меѓу Бугарија и ЕУ, каде што 26 земји членки сметаат дека историјата не може да биде критериум и ЕУ да биде арбитер за тие прашања и не смее да има девијација од тие основни принципи на преговарачкиот процес“,
вели Османи.
Според Османи, тоа што годишниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација за земјава, кој требаше да се одржи на крајот на овој месец, е откажан, додека оној за Албанија останува закажан на 1 март, не треба да се интерпретира како притисок врз Северна Македонија.
„Мислам дека е многу важно да имаме конкретен процес на преговори и да има повеќе содржина во наредниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација. Одржување на Советот заради почитување на формата, но без супстанција, без прогрес, не е во наш интерес“,
смета министерот.
Според Османи, Северна Македонија не отстапува од ставот дека не смее да биде одвоена од Албанија во преговарачкиот процес, со оглед на тоа што самата ЕУ констатираше дека и двете земји се подготвени за старт на преговорите.
„Ја посетив Тирана и со министерката бевме едногласни дека треба да продолжиме во овој процес заеднички, затоа што двете земји ги исполнуваат критериуми и има одлука за почеток на преговорите“
порача шефот на дипломатијата.