Кривични пријави за две правни лица со седиште во Тетово и Гевгелија, како и против три одговорни лица на правните субјекти за пуштање во промет тутун кој не бил дообработен и за кој не била платена акциза.
Царинската управа заплени вкупно 146 278 килограми тутун, кој незаконски бил пуштен во промет, без платена акциза во износ над 280 милиони денари. Како што соопшти денеска директорот на Управата, Горан Сугарески, се работи за десет увози на тутун вирџинија, реализирани од страна на правно лице од Гевгелија во декември 2017 и цела 2018 година. Увезениот тутун, наместо да се доработи, е пуштен во промет.
Само во изминатите денови успешно се реализирани заплени на 284,5 килограми режан тутун наменет за нелегална продажба и 413 кутии по 200 парчиња или вкупно 82 600 филтри за полнење цигари. Изречени се 11 платни налози за нерегистрирана дејност.
„На 10 февруари годинава Царинската управа до ОЈО Гевгелија поднесе кривични пријави против две правни лица со седиште во Тетово и Гевгелија и против три одговорни лица на правните субјекти поради основано сомневање дека е сторено кривично дело недозволено тргување со меѓу производи, метил алкохол и тутунски добра. Станува збор за 146 277 килограми увезен необработен тутун, пуштен незаконски во промет, без платена акциза во износ од 281 585 150 денари и камати за ненавремено плаќање од 12 505 380 денари, односно повеќе од 4,7 милиони евра“,
рече Сугарески.
Според него, сѐ почести се производството и продажбата на нелегален режан тутун, кој нема никакви документи со кои би се докажале неговото потекло, вид, квалитет, местото и начинот на одгледување и чување, што воедно е штетно и за здравјето на луѓето.
Акцизните производи, потсети Сугарески, учествуваат со околу 22 отсто од вкупните даноци што ги прибира државата. Над 40 проценти од приходите од акцизи се од цигарите и од тутунските производи.
Според вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, акцијата на Царинската управа е уште еден показател дека нема компромис кога станува збор за прекршување на законите и оштетување на буџетот на криминален и коруптивен начин.
„Избегнувањето на овие давачки е еден од ризичните фактори кои сериозно го оштетуваат Буџетот. Ги охрабрувам вработените во Царинската управа, Пазарниот инспекторат и сите надлежни институции непоколебливо да продолжат со интензивни акции против нелегална продажба на тутун и секој друг тип злоупотреба на давачките. Нема да дозволиме никој да профитира на грбот на граѓаните, тутунарите и компаниите кои лесно и редовно си ги плаќаат давачките“,
порача Николовски.
