Улицата што до скоро го носеше името „Јордан Мијалков“ пак се вика „Железничка“, додека „Фили Втори“ си го врати името „Стив Наумов“…, како што објави градоначалникот Шилегов
Познатата улица во скопско Дебар Маало повторно се вика „Ленинова“, наместо „Аминта Трети“, а улицата во центарот на градот што до скоро го носеше името „Јордан Мијалков“ пак се вика „Железничка“, додека „Филип Втори“ си го врати името „Стив Наумов“…
Се враќаат старите имиња на дел од скопските улици што беа сменети во периодот кога мнозинството во градскиот Совет и градоначалничкото место во главниот град и во повеќето општини ги имаше ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш, преименувањето на улиците, а посебно „бришењето“ на имиња на херои од НОВ и ставање на имиња од периодот на антиката предизвика силни реакции во јавноста.
Актуелниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, кој беше избран на функцијата во октомври 2017 година, објави денеска дека остварува едно од своите предизборни ветувања, за, како што вели, враќање на идентитетот на Скопје.
„Ги враќаме старите имиња на добро познатите скопски улици“,
напиша Шилегов на Фејсбук.
Од Градот Скопје вчера соопштија дека на претстојната седница ќе се расправа за дополнителната листа на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје.
На дополнетата листа се наоѓаат имињата на култните македонски бендови „Леб и сол“, „Мизар“, „Лева Патика“… Понатаму, на листата се и имињата на Есма Реџепова, Дејвид Боуви, како и насловот на досега најуспешниот македонски филм, документарецот „Медена земја“.
Целата листа може да се погледне тука.
Шилегов најави неодамна во изјава за „360 степени“ дека ќе бара поддршка од врвот на СДСМ за нова кандидатура за градоначалник, на локалните избори што треба да се одржат наесен годинава.
На уште една кандидатура се надеваат и други градоначалници од на Скопје, каде што владејачката коалиција СДСМ-ДУИ, на изборите во 2017 година , однесе победа во сите 10 општини, како и на нова на градот.