Вакцинацијата е еден комплексен процес, со препораки кои мора стриктно да се следат, вели Филипче
Засега нема потреба од нови мерки или рестрикции со цел спречување на британскиот сој на коронавирусот, смета министерот за здравство, Венко Филипче. Тој вели дека, иако бројките не се ниски, нема драстичен скок и нема големи кластери од овој сој низ градовите.
„Ја следиме состојбата во Скопје и другите градови ги следиме како посебни епидемиолошки региони, застапеноста на британскиот сој на вирусот расте, сега е некаде околу 20 отсто, најмногу во Прилеп и Охрид. Во тие центри не приметуваме зголемување на бројот на пациенти. Точно е и тоа е утврдено дека полесно се пренесува, според некои публикации можно е болеста да е полесна, според некои други публикации е потешка, тоа не може сè уште со точност да го утврдиме. Кај нас има 30-тина детектирани соеви на вирусот, од близу 1000 ширум светот. Ние, засега не регистрираме дека има влошување на епидемиолошката ситуација и затоа сме внимателни. Секогаш апелираме граѓаните да ги почитуваат мерките, сега е тоа од посебно големо значење“,
рече Филипче во интервју за Сител.
Во однос на подготовките за процесот на вакцинација, Филипче вели дека здравствениот систем е целосно подготвен.
„Се спремавме согласно сите препораки, од сите соодветни здравствени меѓународни институции, СЗО, производителите. Така го димензиониравме нашиот систем. Едноставно, го надградивме постоечкиот систем на имунизација. Низ неколку фази на едукација целосно се едуцирани, тренирани докторите и медицинските сестри кои ќе работат на вакцинацијата. Целосно е поставена инфраструктурата и подготвени се пунктовите“,
рече Филипче.
Споре него, и покрај огромното искуство за имунизација со други вакцини, станува збор за специфичен процес.
„Требаше да се подготват вакциналните пунктови. Сепак се тоа места каде вообичаено доаѓаат деца, што значи требаше да се направи реорганизација. Фрижидерите не се само нешто што треба да се постави, има точно време колку вакцините треба и можат да стојат во фрижидерите, колку време стојат надвор, како се раствораат итн. Сето ова е еден комплексен процес, со препораки кои мора стриктно да се следат. Сепак ова е нова работа, нов систем кој се случува насекаде во светот“,
рече Филипче.
Вакцинацијата почнува утре со здравствените работници кои работеле и работат со ковид-пациенти. Тоа се здравствените работници од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Градската општа болница „8 Септември“, болницата во Козле, клиниките во склоп на интерните клиники кои хоспитализираа пациенти. Од следната недела и медицинските лица во болниците ширум државата, како и приватните болници.
