Главните поенти на нацрт-решението на измените и дополнувањата на Законот за работни односи, се дека неделата ќе биде ден за неделен одмор на работниците, но ќе постојат исклучоци во одредени дејности кои ќе бидат стриктно наведени во законското решение, а кои поради природата на технолошко-техничкиот процес не може да запрат со работа или се неопходни за нормално функционирање на целото општество.
Ова е дел од дискусијата што се одвивала меѓу министерката за труд и социјална политика и вицепремиерот за економски прашања, Јагода Шахпаска и Фатмир Битиќи. Тие денеска ги дискутирале нацрт-решенијата кои предвидуваат и прогласување на денот недела за неработен.
„Сите работници и работнички ангажирани во компании кои припаѓаат во дејностите кои се дефинирани како исклучоци, ќе мора да добијат соодветен надомест за нивниот работен ангажман, дефиниран со Закон и колективен договор и сите работнички и работници кои ќе бидат ангажирани во недела, ќе мора да добијат дополнителен слободен ден за одмор во текот на наредната работна седмица“,
посочила Шахпаска.
Законското решение за недела неработен ден, кое е дел од Програмата на Владата, сè уште се дискутира помеѓу сите засегнати страни, во интерес на изнаоѓање на најсоодветно решение со кое би биле задоволни и синдикалните организации, како претставници на работниците и стопанските комори, како претставници на компаниите, се додава во соопштението на Кабиентот на вицепремиерот Битиќи.
Битиќи и Шахпаска нагласија дека со ова законско решение очекуваат да се зголеми задоволството и благосостојбата на работничките и работниците, а со тоа и да се зголеми нивната продуктивност на работните места, што би било во интерес и на работодовачите и на работниците.