Обвинителката праша дали тоа што претходните два скандали со прислушувањето во земјава поминале неказнето доведоа да ни се случи ова најголемо по обем прислушување, но и порача дека не смее да се простува без да се преземе одговорност бидејќи така само се поттикнуваат поголеми злоупотреби
Максимални затворски казни за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, за ексначалникот на Петата управа во УБК Горан Грујевски и за началничката од МВР Надица Николиќ, побара обвинителката Ленче Ристоска во завршните зборови за предметот „Таргет-Тврдина“ кој се однесува за масовното незаконско прислушување и за уништување на опремата од УБК.
„Иако се работи за кривични дела за кои е запретена максимална затворска казна до 5 години, сепак имајќи го предвид последиците на кривично дело и импактот кои овие последици го имаат како на животите на лицата чии комуникации биле незаконски следени така и импактот на целокупните општествени процеси, сметаме дека нема пречка за обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ како создавачи на групата да бидат изречени максимални казни затвор за секоја од кривичните дела кои им се ставаат на товар“,
рече Ристоска.
Мијалков во случајот е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание, од кои последното му застарува на крајот на февруари. Грујевски, кому му се суди во отсуство откако избега во Грција, се товари за неколку кривични дела поврзани со злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа. Николиќ е обвинета за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба.
Во случајот е обвинета и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, но само за злоупотреба на службената положба и овластување во делот на уништувањето на еден од системите за прислушување во УБК, додека во делот на незаконското прислушување таа се јавува како оштетена.
На обвинителна клупа седат уште осум лица од УБК и МВР. За сите обвинителката Ристоска побара осудителна пресуда и во одмерувањето на казните да се земат предвид отежнувачките и олеснителните околности.
„За жал се работи за кривично правен настан во кој преовладуваат отежнувачките околности на сметка на олеснителните бидејќи повредата на уставно загарантираните права на слобода и неповредливост на писмата на другите облици на комуникација и на приватност на личниот и семеен живот на корисниците на телефонските броеви чии комуникации биле незаконски следени е од досега невидени размери, а дејствијата на уништување на опремата се преземени исклучиво со цел избегнување на одговорноста за сторените злоупотреби“,
рече обвинителката.
Во завршните зборови кои Ристоска ги даваше со колегата Трајче Пеливанов, се читаше и долгата листата на оштетени. Читајќи ја листата, вели обвинителката, не може, а да не се постават неколку прашања.
„Дали одговорните лица во системот, во УБК конкретно, не ја научија лекцијата од минатите искуства и повторно посегнаа по приватните животи на луѓето, дали тоа што отсуствуваше правна разрешница и одговорност во претходните скандали со прислушкување е причина да ни се случи овој трет најголем во обем скандал за прислушување во кој до крајна дрскост и безобразност се поместени граници на почитување на правата на другите?“,
рече Ристоска.
Од тие причини во последната порака што ја испрати со завршните зборови таа рече дека не се согласува со Зоран Верушевски кој како сведок рече дека во македонскиот речник постои зборот „простување“. За да има простување, рече таа, прво мора да има и одговорност, а и каење.
„Не е само мое уверување туку и според универзалните правила поддржани од етиката како наука и религијата, простувањето е чин кое следи на покајанието односно чин кој следи откако ќе биде преземена одговорност за преземените дејствија и откако ќе биде изразено каење за последиците. Затоа сè додека дозволуваме да владее неказнивоста и проштаваме без преземање одговорност, ние всушност поттикнуваме нови и поголеми злоупотреби на системот“,
заврши Ристоска.
Откако обвинителството ги даде завршните зборови и претставник на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), институција која ја наследи згаснатата УБК, побара отштета во износ од 1 418 897 евра, колку што вештачењата утврдија дека била направена штета со уништувањето на системот за прислушување.
Во петок, во Основниот кривичен суд ќе се одржи уште едно рочиште за предметот „Таргет-Тврдина“ на кое завршни зборови ќе даде и одбраната.
Дел од нивните тези можеа да се слушнат и кога даваа одбрана одговарајќи на прашањата на адвокатите, од кои рочишта извештаите можете да ги прочиштате во линковите во продолжение.