Според Стојанче Ангелов, генералите треба да бидат одликувани затоа што учествувале во вооружените дејствија против вооружени екстремистички и паравоени групации, со цел одбрана на независноста, територијата, интегритетот и суверенитетот на земјата
По повод триесет години од самостојноста на државава, дваесет години од започнувањето на вооружените дејствија во 2001 година и една година од влезот во НАТО, политичката партија Достоинство покрена иницијатива до претседателот Стево Пендаровски, за одликување тројца генерали, припадници на македонските безбедносни сили, кои починале по завршувањето на воените дејствија.
„Поради покажаните извонредни успеси во организирањето и командувањето со безбедносните сили, успешна и ефикасна одбрана на независноста, безбедноста и територијалниот интегритет на државата, во текот на вооружените дејствија во 2001 година, предлагаме со ‘Орден за воени заслуги’ да се одликуваат починатите генерал-полковник Панде Петровски,бригаден генерал Јосиф Бошевски и полициски генерал Ристо Галевски“,
изјави претседателот на партијата Достоинство Стојанче Ангелов.
Тој нагласи дека генералите треба да бидат одликувани затоа што учествувале во вооружените дејствија против вооружени екстремистички и паравоени групации, со цел одбрана на независноста, територијата, интегритетот и суверенитетот на земјата.
Ангелов се повика и на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства, во кој е дадена законска дефиниција, како и на членот 19 во кој е предвидено Претседателот на Републиката да доделува одликувања.
Додаде дека се уште не е познат точниот број на припадници на безбедносните сили кои учествувале во вооружените дејствија во војната.
„Околу 65 загинаа, неколку починаа подоцна како последица на повредите стекнати во текот на вооружените дејствија, околу 300 беа потешко или полесно ранети и повредени, најголем дел останаа неповредени, но одреден дел од нив доживеаја силни трауми кои во одредени случаи кај некои од припадниците на безбедносните сили предизвикуваа пострауматско психичко растројство“,
рече Ангелов.