Глобално резултатите се добри, речиси од сите вакцини што ги има на пазарот, вели директорот на Здравствен до Скопје кој ќе го понесе најголемиот товар од вакцинацијата против ковид-19 која почнува утре
Во Модуларната болница утре ќе се направи уште една обука на тимовите за спроведување на вакцинацијата. Директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски вели дека има доволен број кадар, иако секој дополнителен е добредојден.

„Во договор со Министерството за здравство, најголемиот товар ќе го понесе Здравствениот дом Скопје, во поглед на процесот на имунизација, кој ќе стартува со вакцинацијата в среда со здравствените работници“,
изјави Исјановски во гостувањето на ТВ теллма каде говореше за подготвеноста на системот за спроведување на вакцинацијата и за тоа што може да очекуваат граѓаните.
Конкретно, за кинеската вакцина вели дека има тимови кои со години тоа го работат. Таа, како што рече, е многу поедноставна, таа доаѓа со шприц и со игла и веднаш се аплицира, а се чува на температура од 2 до 8 степени.
Прашан за искуствата во однос на несаканите ефекти од вакцината рече дека глобално, резултатите од вакцинирањето се добри.
„Глобално резултатите се добри, речиси од сите вакцини што ги има на пазарот. Сега последно беше само со ‘Астра-Зенека’, но гледаме дека и СЗО го менува мислењето. Несаканите ефекти се мали во проценти затоа во согласност со Министерството за здравство секој оној кој ќе ја прими вакцината, во вакциналните пунктови мора да има прсотор каде ќе поседи извесен временски период и потоа ако е се во ред може да си замине дома“,
објасни Исјановски.

Според него, фајзеровата вакцина е малку потешка во однос на чување и транспорт, односно потребни се посебни услови.
Насоки од МЗ
Сепак, тој смета дека Министерството за здравство треба да излезе со соопштение каков е и дали има одреден ризик за вакцинирање на луѓе со одредени хронични болести.
„За вакцинирање на граѓани со хронични болести, Министерството треба да излезе со соопштение, затоа што вакцините секаде се исти. Да им се пренесат на граѓаните искуствата дали преку соопштение или на сајтот – дали претставува ризик вакцинирањето на одредени хронично болни граѓани“,
вели Исјановски.
За тоа што треба да очекуваат граѓаните, Исјановски рече дека ќе има и сертификат кој се уште е во изработка – кога граѓаните ќе дојдат во вакциналните пунктови ќе им биде дадено картонче издадено од Министерството за здравство, каде ќе бидат внесени основни податоци на граѓаните, име, презиме, матичен број, адреса кога ја примил првата вакцина, потпис и печат од лекар што ја препишал, и кога потвторно треба лицето да се јави за вакцинација.
Луѓето во домовите за стари лица ќе бидат вакцинирани со мобилни тимови, а насоките треба да ги даде Министерството за здравство.
Исјановски посочи дека не се исклучува можноста да се отворат повеќе вакцинални пунктови, освен најавените три во Скопје, но се зависи од тоа колку граѓани ќе се пријават за вакцинација.
