Министерството за здравство денеска објави препораки до населението за заштита од премрзнување
Повеќеслојна облека, соодветни обувки за снег и мраз и почеста консумација на топли напитоци, а да се избегнува алкохол кој зголемува ризикот од хипотермија, да се избегнува практикување физичка активност на отворено, а при движење особено да се внимава на лизгави површини.
Ова се дел од препораките кои Министерството за здравство денеска ги упати поради пониските температури кои се најавуваат за утре на целата територија на државата.
Според Управата за хидрометеоролошки рабoти, утре ќе има „жолта фаза“, со исклучително ниски температури.
Поради тоа постои опасност од премрзнување.
Времето во текот на утрешниот ден ќе биде ведро и студено, преку ден сончево со мала до умерена облачност и ќе дува слаб северозападен ветер, со минимална температура од -18 до -7, а максимална од -3 до 5 степени.
Во Скопје утре ќе сончево со умерена облачност и со слаб северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -12, а максималната ќе достигне до 2 степени.
Од УХРМ информираат дека до сабота ќе се задржи стабилно време со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст, по одделни котлини во претпладневните часови ќе има услови за појава на магла.
Во сабота преку ден и во текот на ноќта кон недела времето ќе биде променливо облачно со локални врнежи од дожд и снег во пониските и снег во повисоките места и на планините. Врнежите ќе бидат со послаб интензитет.
