Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, изјави дека хрватското претседавање со Европска Унија преку Самитот во Загреб во мај ќе им даде на земјите од Западен Балкан јасна европска перспектива, јасна временска рамка, но и методологија за идните преговори.
Пленковиќ во интервју за „Франс 24“ повтори дека очекува претставување на предлогот за одредени модификации на методологијата на преговарачкиот процес и дополнителен извештај за напредокот на Северна Македонија и Албанија.
Ова минатата недела за време на посетата на Загреб го најави и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, образложувајќи во кој правец ќе се води еден од приоритетите на ЕУ под хрватското претседателство. Фон дер Лајен рече дека новата методологија на која инсистира Франција ќе биде претставена на почеток на годинава, но дека паралелно со ова ќе се води процесот за Северна Македонија и Албанија.
„Сложеноста на новата методологија ќе ја претставиме кога ќе ја претставиме. Мислам дека може да работиме на темите што беа покренати во Европскиот совет. Но мора да најдеме начин да продолжи паралелниот процес за Северна Македонија и Албанија, а тоа е дека вратата е отворена и дека тие може да ги започнат преговорите за членство. Значи, ова е паралелен процес за обнова на методологијата и продолжување на процесот со овие две земји. Ние од нив баравме многу за да ги исполнат критериумите, тие го сторија тоа и ние сега не треба да ги менуваме условите и правила за нив. Во таа насока јас го очекувам новиот предлог и се надевам дека ќе бидеме успешни“,
рече Фон дер Лајен.