Новиот еврокомесар за соседство и проширување, Оливер Вархели, на 15 и 16 јануари ќе допатува во посета на Северна Македонија, што ќе биде негова прва посета по стапувањето на функцијата еврокомесар.
Покрај запознавање со македонската политичка елита, како што веќе објави „360 степени“ минатата недела, целта на посетата на Вархели е увид во реформското досие на земјава и консултација со владините претставници за новата нацрт-методологија за пристапните преговори со ЕУ.
Вархели турка за позитивна одлука во март
„360 степени“ објави дека Европската комисија (ЕК) и комесарот Вархели работат на план чија крајна цел е почеток на преговори за членство со Северна Македонија и со Албанија во март годинава, по неможноста во октомври лани да се постигне консензус во Европскиот совет.

Во функција на планот, а пред сè за да се задоволат барањата на Франција, Вархели и неговиот тим подготвуваат коригирана методологија за преговори, која би требало да ја претстават кон крајот на овој месец.
Потоа, во февруари ЕК би излегла со скратени извештаи за реформскиот напредок во Северна Македонија и во Албанија што, пак, е барање пред сè на Холандија пред евентуалното враќање на прашањето за почеток на преговори пред земјите членки на ЕУ во март.
Познато е дека владата и парламентот во Хаг сметаат дека Албанија не е подготвена за старт на преговарачкиот процес, па мини-извештајот од ЕК би требало да им го потврди ставот или да ги убеди да се премислат. Холандија е најгласна и во барањето Северна Македонија да донесе нов закон за јавно обвинителство, по можност пред одлуката за старт на преговори. Поради тоа, Вархели со македонските политички лидери ќе разговара и ќе се обиде да иницира договор и на оваа тема.

Временската рамка за идните чекори би требало да изгледа вака:
- Европската комисија до крајот на јануари изготвува нацрт-методологија за пристапните преговори и почнува консултации со земјите членки на ЕУ;
- Европската комисија во февруари објавува скратен извештај за напредокот во реформите во Северна Македонија и во Албанија;
- Советот на Европската Унија, односно земјите членки, кон крајот на март ја усвојуваат новата методологија и носат одлука за почеток на преговори со Скопје и со Тирана;
- Во календарот на ЕУ предвиден е состанок на Европскиот совет на 26 и 27 март, кога веќе ќе бидат завршени и локалните избори во Франција, кои се закажани за периодот од 15 до 22 март.