Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев денеска ќе поднесе барање за мислење до Државната изборна комисија (ДИК) да пресече дали за шеф на СВР Скопје може да биде именуван Ристо Ставревски, кого тој го предложи, а на што се противи дополнителната заменик-министерка во МВР, Славјанка Петровска, која не ја потпиша одлуката.
„Ставрески не е осудуван ниту против него има постапка или каква било истрага. Напротив, тој е лице кое поседува сертификат ‘државна тајна’ за информации од доверлив карактер, издаден во периодот кога Спасовски беше министер за внатрешни работи. Не гледам никаква пречка може да биде началник на СВР Скопје и поради можноста различно да се толкуваат законските прописи, планирам да се обратам до ДИК која ќе треба да одлучи и да се изјасни за натамошно нормално функционирање на позицијата на лицето за кое станува збор“,
изјави Чулев за МИА.
Според него, во овој случај се работи за политизирање и израз на страв од соочување со професионалци.
Дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска вели дека не ја потпишала одлуката за назначување на Ристо Ставревски за шеф на СВР Скопје туку само за дополнителниот заменик-началник на СВР Скопје, Тони Јакимовски, бидејќи за Ставревски имало аудиоснимки од кои можело да се чуе дека тој врши притисоци врз гласачи.
Според Петровска, согласно законот потребни се два потписа бидејќи тоа е предвидено за одлуките на сите министри и нивните дополнителни заменици во техничката влада.
„Не можам да се согласам со нивниот предлог, според законот министерот предлага, согласно законот имаме врзани потписи“,
вели Петровска и додава дека е логично ако нејзиниот потпис е потребен за другите назначени, да биде потребен и за овој предлог.
Според законот, во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик-министер во министерствата во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, ДИК е должна, во рок од 24 часа да донесе одлука и истата да ја проследи до односното Министерство. Одлуката на ДИК е конечна.
За што би одлучувала ДИК?
Во Законот за Влада, прашањето за кадровски промени се третира во членовите 44 и 46.
Ако се видат одредбите од членот 44 (став 4) од Законот за Владата, се чини дека на министерот Чулев не му е потребна согласност (потпис) од дополнителната заменик-министерка Петровска за ниедно од 15-те дозволени „разрешувања и распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во министерството“, па ни за Ристо Ставревски да биде началник на СВР Скопје. Тоа за што треба да води сметка Чулев е ставот 6 од истиот член 44: „Со денот на именувањето на лице на раководната позиција од ставoт (4) на овој член, министерот е должен да именува дополнителен заменик на предлог на дополнителниот заменик-министер“. Таа обврска Чулев ја испочитувал.

Но, во членот 46 (став 3) повторно се третира прашањето за кадровски промени, на генерален начин, за сите ресори во кои се избрани дополнителни заменици-министри: „Дополнителниот заменик на министерот, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи што ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот, како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите“. Оваа одредба во Законот би можела да се толкува на начин кој ѝ дава право на Петровска да го блокира назначувањето на Ристо Ставревски за началник на СВР Скопје.

Членот 48 од Законот за Владата вели: „Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик на министерот во министерствата, во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, Државната изборна комисија е должна во рок од 24 часа да донесе одлука и истата да ја проследи до односното министерство. Одлуката на Државната изборна комисија е конечна“.
Експерт по право, кого го консултиравме, смета дека одредбите од член 44 став 4 и 6 се однесуваат специфично на МВР и може да се толкуваат како исклучок од генералното правило од член 46. Овој пристап би значел дека Петровска не може да го блокира назначувањето на Ставревски за прв човек на СВР Скопје и дека нејзиното несогласување останува на ниво на политички став. Министерот има законска обврска да именува дополнителен заменик на нејзин предлог, кој понатаму може да блокира одлуки на началникот (Ристо Ставревски).
Додека ДИК да каже како го разбира случајот и дали е надлежна да постапува, извор од МВР вели дека Ставревски веќе функционира како началник на СВР Скопје, а неговото именување во петокот беше објавено и во официјалното соопштение на МВР.
Во истото соопштение, како дополнителен заменик на Ставревски, се наведува досегашниот началник на СВР Скопје, Тони Јакимовски.
Една седмица по изборот на новата техничка влада почнаа кадровските промени, согласно Пржинскиот договор. Во МВР во петокот беа назначени дванаесет раководители и 12 дополнителни заменици раководители на сектори и оддели, согласно член 44 од Законот за Влада на Република Северна Македонија. Сепак, министерот Чулев и дополнителната заменик министерка Петровска не се договорија за позицијата раководител на СВР Скопје.
МВР по состанокот на кој присуствуваа министерот Чулев, дополнителниот заменик министер Петровска, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски соопшти дека се назначени 12 раководители и 12 заменици раководители. Нови началници и нивните дополнителни заменици има во секторите за внатрешни работи во Охрид, Штип, Битола, Велес, Струмица, и за Одделот за внатрешни работи во Прилеп. Потписи за именување на началниците и нивните дополнителни заменици Чулев и Петровска освен за овие сектори, ставиле и за раководните позиции на Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди, Одделот за специјални полициски операции во БЈБ, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во БЈБ, на Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје, како и за командантот на единица за специјални задачи во Оддел за специјални полициски операции во БЈБ.