Пратеник во исто време бил и член на Надзорниот одбор на ЦУК, а акумулација на функции е нотирана и кај член на совет на општина и кај директор на средно училиште
Неколку предмети за акумулација на функции против службени лица, кои произлегуваат од изјавите за судир на интереси за 2020 година, отвори Државната комисија за спречување на корупција на денешната 46. седница.
Како што пренесе МИА, предметите се отвораат за член на совет на општина, кој истовремено е член и на управен одбор на детска градинка, еден пратеник во Собранието кој истовремено е член и на Надзорниот одбор во Центарот за управување со кризи и за в.д. директор на средно општинско училиште, кој истовремено управува како сопственик со трговско друштво.
ДКСК отвори постапки и против пратеник во Собранието, кој го променил управителството во неговата фирма, меѓутоа за управител поставил негово блиско лице, министер во Владата кој, исто така го променил управителство во во неговата фирма и за управител поставил негово блиско лице и уште еден пратеник кој го направил истото.
На денешната седница ДКСК го усвои Стратегискиот план за периодот 2021-2023 година, во кој меѓу набавка на нови софтверски решенија се предвидени и средства за нови вработувања.
Антикорупциската комисија го усвои и упатството за рангирање предмети за постапување по основа на доставени пријави.
За нов заменик-претседател на ДКСК е избран Шемси Салаи. Заменик-претседател на ДКСК, според Деловникот, се менува на шест месеци по азбучен ред.