Пред да влезе во Елисејската палата, Емануел Макрон беше доживуван како „нова надеж“ на европската политика – човек што ќе ги реафирмира фундаментите на Европската Унија, меѓу кои е и проширувањето со нови членки.
Но, на младиот и харизматичен претседател не му требаше многу време за да увиди дека скептицизмот кон проширувањето подобро поминува во француското општество отколку туркањето на проширувањето високо на агендата на Унијата. Тој тоа најдобро го манифестираше токму на случајот на Северна Македонија и Албанија во октомври 2019 година, кога стави рампа на одлуката за почеток на преговори.
„Што се однесува до проширувањето… Сметам дека работите не ги правиме по правилен ред“,
кажа Макрон на 16.10.2019

„Тој мора да биде повратен, инаку тој не е кредибилен“,
изјави Макрон два дена подоцна 18.10.2019
Тогаш својата одлука Макрон ја аргументираше со потребата од усвојување нова методологија за проширувањето, која процесот ќе го направи поодговорен, покредибилен, подинамичен и, пред сѐ, реверзибилен. Зад ваквиот потег многумина препознаа маневар за одобороволување на гласачкото тело во пресрет на локалните избори во 2020-та. Франција, иако еден од основачите на ЕУ, важи за држава со популација која е воздржана за натамошно проширување на Унијата. Но, дали навистина е така?
Институтот за европски политики при „Отвореното општество“ во соработка со тинк-тенк групата „Д Парт“ во 2020-та спроведе широко истражување на мислењето на француското општество за приемот на земјите од Западен Балкан во Европската Унија. Во анкетата беа опфатени повеќе од 4 000 испитаници, а вршени се и дискусии со фокус-групи. Наодите се во најмала рака изненадувачки.
ЗАПАДЕН БАЛКАН НЕ Е ТОЛКУ ПРОБЛЕМ, КОЛКУ ШТО Е ТУРЦИЈА
„Кога ќе го погледнеме француското население, кога ќе биде прашано, постои значаен скептицизам во однос на зачленувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Но, за поголемиот дел од Французите, ова не е тема што има големо значење врз нивните животи. Оттука, француските граѓани што не ја сака идејата за зачленување на земјите од Западен Балкан и оние што сметаат дека тоа ќе има влијание врз нивните животи е само една петтина од населението. Останатиот дел од граѓаните, кога ќе бидат прашани, велат или не ми се допаѓа идејата, или не ми е грижа, или велат дека им се допаѓа идејата. Овој податок е различен кога ќе ги погледнеме другите земји како Турција, каде што има јасно мнозинство меѓу Французите кое не ја сака идејата за зачленување на Турција и смета дека влијае врз нивните животи. Значи, има голема разлика. Со други зборови, земјите од Западен Балкан политички не се толку важни во Франција“,
смета Јан Ајхорн, од „Д парт“ – тинк-тенк за политичко учество.

„Дури 30 отсто од француските граѓани одговорија дека членството на Турција во ЕУ многу би го променил нивниот живот, а само 8 проценти од испитаниците така одговориле за шесте земји од Западен Балкан. Ако го гледате поумерениот став на испитаниците дека приемот на нови земји донекаде би го променил нивниот живот, тогаш, кога ќе го соберете тоа, имате резултат од 53 отсто на Французи кои сметаат дека зачленувањето на Турција во ЕУ би го сменило нивниот живот, додека само дваесетина отсто тоа го мисли за Западен Балкан. Тука ја гледаме големата разлика“,
смета Срѓан Цвијиќ од Институтот за отворени политики при „Отвореното општество“.

НЕИНФОРМИРАНОСТА ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН – ОСНОВА ЗА ОТПОР КОН ПРОШИРУВАЊЕТО
Истражувањето покажува дека непознавањето на Западен Балкан, дури и на елементарно ниво – каде се наоѓа географски, е сериозен извор за скептицизмот на обичниот Французин. Тоа било забележливо особено при дебатите во фокус-групите, при што оние што имале контакт со Западен Балкан биле попозитивни од оние што воопшто немале релација со регионот.
„Повеќе од 50 отсто од француското население не можеше географски да го лоцира Западен Балкан на картата на Европа. Познавањето на регионот не е баш силно. Но, откако ќе им го покажеш регионот на луѓето, тогаш оние што имаат симпатии кон Западен Балакан велат – да, ова е добра работа зашто Европа ќе биде посилна, географски ќе биде поголема сила. Но и луѓето што отпрвин се скептични кон Западен Балкан, откако ќе го видат на мапата, многумина во истражувањето рекоа дека има смисла регионот да стане дел од ЕУ зашто без него Европа изгледа некомплетна“,
вели Ајхорн.
„Имате 36 проценти од граѓаните кои многу го променија мислењето. Ќе парафразирам една госпоѓа која ја видов дека кога ја здогледа географската карта праша – па, како е можно овие држави сѐ уште да не се членки на ЕУ, а зборуваме за госпоѓа која беше против проширувањето“,
додава Џвијиќ.
ПРОШИРУВАЊЕТО КАКО (НЕ)ВАЖНО ПРАШАЊЕ ЗА ФРАНЦУСКИТЕ ГЛАСАЧИ
Франција повторно се доближува до избори, овој пат главните, претседателските, кои треба да се одржат в година. Овој факт во многу анализи се користи како аргумент дека од крајот на оваа година, па до април наредната не треба да се очекуваат големи одлуки на тема проширување. Оправдан ли е стравот на политичките елити во Париз дека проширувањето е едно од прашањата што може да го одреди победникот на изборите? Истражувањето на јавното мислење покажува – не.
„Околу 22 проценти од популацијата е некоја потенцијална група во општеството која би можела да го канализира нивното незадоволство против проширувањето во изборниот процес во Франција. Но, знаете, таа група најверојатно не би ни гласала за главните партии во Франција, така што, целата стратегија на вето нема многу смисла според нашата студија“,
вели Цвијиќ.
„Одлучувањето на претседателот Макрон во однос на државите што се во процес на пристапување, првенствено зборувам за нас Северна Македонија и Албанија, нема да има никаков ефект врз изборите во Франција. Може да има ефект само ако начинот на комуницирање на европското интегрирање на Франција со политичкото управување на Брисел не соодветствува со очекувањата на француските граѓани“,
смета Андреја Стојковски, извршен директор на „Преспа институт“.

Студијата покажува дека Западен Балкан, секако, послабо поминува од Норвешка или Исланд, но затоа, пак, е многу подобро перципиран од Турција. Иако постои резерва кон идно проширување, во голем дел тоа се должи на стравовите за европската кохезија, иднината на ЕУ, натамошната улога на Франција… Значи, како што сугерира и насловот на студијата – „До Европската Унија е, а не до проширувањето кон Западен Балкан“.