Шефот на мисијата на ОБСЕ во земјава во интервју за МИА говори за очекувањата од новиот состав на ДИК и од процесот на изборни реформи
Очекуваме од новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК) да ги извршува своите должности согласно законите, вели шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.

„ДИК не е само седумчлена комисија. Тука е и администрацијата која покажала високо ниво на професионализам и посветеност во текот на годините“,
вели амбасадорот Која во интервју за МИА, запрашан дали начинот на изборот на ДИК, која е во нов состав од минатиот месец, оди во насока на партизација, наместо професионализација.
Прв предизвик за ДИК ќе биде организирање и спроведување на локалните избори закажани наесен. За тоа дали се прифатливи измени во изборното закодавство во изборна година, како и најавите за евентуална промена на изборниот модел, Која посочува на препораката на ОДИХР (Канцеларија за демократски институции и човекови права на ОБСЕ) тие да се случат најмалку шест месеци пред одржувањето на изборите.
„Според ОДИХР, препорачливо е изборниот закон да стапи на сила најмалку шест месеци пред изборите, за да можат институциите да се подготват непречено да ги спроведуваат промените. Низ годините, ОДИХР има дадени голем број препораки за подобрување на изборниот процес во Северна Македонија. Во нивниот последен извештај за ланските предвремените парламентарни избори, Специјалната мисија за проценка на изборите на ОДИХР јасно стави до знаење дека сè уште има голем број прашања во законската рамка за изборите што треба да се решат“,
нагласува Која.
Тој потенцира дека ОДИХР не препорачува специфичен изборен модел, а земјите учеснички во ОБСЕ користат широк спектар на разни изборни модели и разни системи за спроведување на изборите, клучно е, нагласува, да се обезбеди инклузивност на процесот за изборна реформа.