Министерот Наќе Чулев во изјава за “360 степени” вели дека возилата што бара да бидат раздолжени се користеле несоодветно
Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, попладнето испратил нова телеграма со која побарал во Министерството до вечерва до 20 часот да се вратат 30-ина возила. На списокот се нашле и 5-6 автомобили кои ги користи обезбедувањето на техничкиот премиер Оливер Спасовски, едно возило кое ѝ е доделено на дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска, како и возила за специјални намени.
Информацијата за „360 степени“ ја потврдија и Петровска и Чулев, кој во одговорот посочува дека станува збор за десетици возила кои несоодветно се користеле.
Дополнителната заменик-министерка вели дека телеграмата во нејзиниот кабинет ја видела попладнето, но нема објаснување зошто Чулев побарал такво нешто.
„Точно е дека меѓу возилата кои се побарани е и едно возило кое е доделено на мојот кабинет како дополнителна заменик-министерка, како и неколку возила кои се користат од обезбедувањето на техничкиот премиер Оливер Спасовски. Јас се обидов да стапам во контакт со министерот, му се обратив и писмено, за да прашам за што станува збор, дали можеби е во прашање некаков превид, но не успеав да добијам одговор“,
вели Петровска.
Чулев, пак, во одговорот што ни го испрати вечерва вели дека станува збор за возила кои се користеле несоодветно и дека досега е вратено само едно.
„Постапување согласно законите, процедурите и позитивните законски прописи е начинот на кој работи актуелното раководство на Министерството за внатрешни работи. Водењето сметка за инвентарот и опремата на Министерството за внатрешни работи не е ,спорна одлука’, туку само еден дел од тоа постапување. Без да сакаме да навлеземе во дневно политички интриги креирани од партиските кујни на СДСМ, најостро ги демантираме објавените наводи и невистини и апелираме до медиумите и новинарите да ги почитуваат принципите на етичко известување. За волја на вистината, од десетици возила за кои е утврдено несоодветно користење, само едно е вратено, а останатите сè уште се користат надвор од правилата и процедурите на МВР“,
вели Чулев.
Денешната телеграма на министерот е втора по ред за која дознава јавноста. Како што денеска објави „360 степени“, пред два дена, тој испратил друга до сите раководители на организациските единици во рамките на МВР со која барал да не ги врачуваат решенијата за распределување работници што ги потпишал неговиот претходник Оливер Спасовски.
Петровка одговорила и на ова со писмен допис до него, посочувајќи му дека не навел која е законската основа за таквото барање до раководителите, како и дека поединечен правен акт донесен врз основа на закон не може да се суспендира со телеграма.