Бројките на наводни нелегални базни станици кои се наведени во извештајот на израелската компанија од 2014 година се всушност броеви на легални радиоканали.
Ваков заклучок дава вештачењето од професорот Кире Јакимовски со кое обвинителите Трајче Пеливанов и Ленче Ристоска во случајот „Таргет-Тврдина“ го побиваат извештајот на израелската компанија дека на територијата на Град Скопје постоеле активни нелегални системи со кои прислушувала трета страна.
Јакимовски денеска сведочеше за неговото вештачење во Основниот кривичен суд во Скопје и објаснуваше што точно значат бројките 15 и 666, а кои во извештајот на Израелците се наведени како нелегални базни станици.
Тој објасни дека во извештајот на Израелците не се објаснети бројките, па направил увид во нивните параметри и во МВР.
„Најдов дека тие бројки се датум, фреквенција, број на канал, моќност и има уште 7-8 параметри. Согласно направената споредба, увидов дека овие бројки, 15 и 666, се броеви на радиоканали кои, согласно направениот увид, се покажа дека се легитимни радиоканали на легитимни клетки на нашите мобилни оператори. Тие биле во функција кога е правен извештајот“,
рече вештакот кој додаде дека истата опрема што ја користела израелската компанија ја имало и во МВР и дека и таа детектирала наводни лажни клетки иако тие не се лажни туку легитимни.
Тој тврди дека легални радиоканали во системот биле детектирани како лажни, односно нелегални, затоа што податоците во системот што детектира не биле ажурирани.
„Тоа е така затоа што очигледно не беше ажуриран системот во опремата во МВР за да може да распознае која е лажна, а која легитимна клетка“,
рече Јакимовски.
Обвинителот Пеливанов кон крајот од испрашувањето уште еднаш праша дали од она што тој го наведува во вештачењето може да се констатира дека нелегалните т.н. лажни базни станици всушност не претставуваат лажни станици туку се радиоканали на постојни легални базни станици.
„Не навлегувам во тоа дали детектирале или не лажни базни станици, но врз основа на прикажаното од извештајот, мене како експерт извештајот (на израелската компанија) не може да ме убеди дека тој е детално сработен за јасно и недвосмислено да ги прикаже сите параметри, за јас да увидам дека се детектирани такви лажни станици. Нејасно и делумно се прикажани параметри кои не се објаснети што точно значат за да можам да утврдам дека навистина се детектирани лажни базни станици“,
рече вештакот.
Одбраната на обвинетите, пак, прашуваше дали може да тврди дека и во опремата на Израелците во 2014 година не биле ажурирани податоците, како што е случај со опремата на МВР, кога тој правел увид, но и дали ќе се согласи дека ваков тип опрема за да детектира лажна базна станица треба да е конфигурирана без претходно ажурирање со податоци на операторите.
„За да може да детектира лажна базна станица, мора да има информација за легалните базни станици и согласно тоа мора да ги има подароците за легалните“,
рече вештакот.
Извештајот на Израелците, кој обвинителството го побива со овој вештак, беше презентиран на минатото рочиште. Според него, во 2014 година имало систем за нелегално прислушување во Скопје, теорија која ја наметна и обвинетиот Сашо Мијалков во неговото сведочење, велејќи дека постоела можност некој трет да ги следи комуникациите.
Со Мијалков, осомничени се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски – двајцата во бегство во Грција, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, ексминистерката Гордана Јанкулоска, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1 541 број или вкупно 5 827 телефонски броја. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.