Според возрасната група, најмногу заразени со ковид-19 има меѓу луѓето над 60 години
Анализите на Институтот за јавно здравје покажуваат дека во период од 25 до 31 јануари 2021 година се регистрирани нови 2 036 случаи на ковид-19, во вкупно 33 града низ земјава, што е зголемување за 17,9 отсто во споредба со минатата недела.
Направени се вкупно 13 742 теста во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 24,5 отсто во однос на минатата недела.
„Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=984; 48,3 отсто), со неделна инциденца – 159,3/100.000. Највисока неделна инциденца од 611,4/100.000 е регистрирана во Демир Капија. Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 9 до 18 отсто или во просек 14 отсто, идентично како минатата недела“,
се вели во извештајот.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=540, 26,5 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40 до 49 години (n=368; 18,1 отсто), од 50 до 59 години (n=365; 17,9 отсто), од 30 до 39 години (n=374; 18,4 отсто) и од 20 до 29 години (n=251; 12,3 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=41; 2 отсто) и од 10 до 19 години (n=97; 4,8 отсто).
По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 2 977 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 41,4 отсто помалку споредено со минатата недела.

Пријавени се 64 смртни случаи од 18 града, со намалување од 7,2 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 55 лица биле над 60 години, шест лица на возраст од 50 до 59 години и три лица на возраст од 40 до 49 години.