Директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска, преку социјалните мрежи, ги повика граѓаните да пријавуваат загадувачи до инспекторатот за побрзо се евидентираат поплаките и навремено да се реагира
Презентирајќи ја платформата „Пријави загадување во два чекори“, Петровска рече дека на овој начин поплаките од граѓаните ќе стигнуваат на едно место и ќе може да се распоредуваат до соодветните надлежни инспекторати.
„Пријавувањето е едноставно, со испраќање порака преку фејсбук-страницата на ДИЖС, е-адресата [email protected], веб-страница www.sei.gov.mk , и преку полето „Пријави“ не е-мапата на загадувачи www.mapanazagaduvaci.mk. Во пријавите граѓаните треба накратко да го опишат проблемот што го пријавуваат, да ја наведат локацијата каде што забележале загадување, доколку можат да испратат фотографија и видео и да остават нивни податоци, за да можат инспекторите да ги исконтактираат“,
рече Петровска.
Околу недостигот на кадар, Петровска рече дека имаат 15 инспектори на терен, а недостигаат најмалку уште 11.
„Немаме доволен број на инспектори, меѓутоа сега правиме координација со овластени инспектори и во оној момент кога не може итно наш инспектор да отиде на терен тогаш ќе се обратиме до општината за да може да се документира самото загадување“,
рече таа.
Во моментов, како што посочи, ја ажурираат листата на овластени инспектори на локално ниво и порача општините што во моментот немаат овластен инспектор веднаш да ангажираат.
Петровска уверува дека пријавите од граѓаните ќе се прераспределуваат до надлежните инспекторати и дека ниту една поплака нема да биде неодговорена.
„Очекувам дека пријавите ќе бидат доволно широки за и ние да имаме подобар увид за тоа што се случува на терен, а одлуката за тоа кога и како ќе постапиме ќе ја носиме сами и во соработка со други надлежни инспекторати, каде што можеби преклопуваме надлежности или каде што некој друг има надлежност. Тоа значи дека нема да одбиеме ниту една пријава, тука ќе ја проследиме до надлежен орган и потоа ќе известиме дека таа пријава е пренесена на некое друго ниво“,
соопшти Петровска.