До Државното обвинителство на Хрватска (ДОРХ) поднесени се вкупно 27 пријави за сексуално злоупотребување, малтретирање и други форми на несоодветно однесување на Академијата за драмски уметности во Загреб, јави ХРТ.
Според хрватскиот јавен сервис, засега три актерки изјавиле дека сакаат да соработуваат со Државното обвинителство, но повеќето пријави сè уште се анонимни.
Се работи за кривични дела извршени од средината на 90-тите години до денес.
Деканката на Академијата, Франка Перковиќ Гамулин, објасни дека станува збор за осум вработени на кои се однесуваат дел од пријавите и шест лица кои се поранешни вработени или пензионери на Академијата.
„Сега е на судството да почне процедури и ние се фокусираме на внатрешна истрага. Мислам дека најдоцна до четврток едно лице ќе оддалечиме од студентите“,
рече Перковиќ Гамулин.
На Балканот, во последниве десетина дена се појавија повеќе случаи на актерки кои обвинија нивни наставници и професори за сексулано вознемирување. Првиот случај кој одекна во јавноста беше сведоштвото на младата српска актерка Милена Радуловиќ (25), а два дена по нејзиното потресно сведочење во јавност излезе уште една актерка, Ива Илинчиќ. Тие сметаат дека со тоа што се доволно познати за српската јавност ќе може да влијаат и да ги охрабрат останатите жртви да ги пријават злоупотребите во полиција.
Актерките добија голема поддршка од колегите, колешките, но и целокупната јавност во Србија. Овој случај наликува на она што пред неколку години се случуваше во САД, кога актерки преку движењето #metoo го обвинија најпознатиот филмски продуцент во Холивуд, Харви Вајнстин, за силување.
Српските медиуми веќе оценија дека ова преминува во балканско #metoo движење, по сведочењата на актерки од БиХ и Хрватска.