Според податоците за состојбата во изминатите 24 часа, бројот на лица што се лекуваат во болниците од ковид е 584, а исто толку кревети се слободни во ковид-центрите во земјава
Вкупната бројка на пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 584 и има околу 580 празни болнички кревети во ковид-центрите.
Од нив, 320 пациенти се во болниците низ државата, додека во Скопје се хоспитализирани 262 лица, од кои 19 во изминатите 24 часа, соопшти Министерството за здравство.
Во болницата во Битола има 20 пациенти, во Штип се хоспитализирани 35 пациенти, на инфективното одделение во Тетово има 15 пациенти, во Велес се лекуваат 16, а во Куманово 45 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19.
Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 65 пациенти, во Прилеп 20, во ковид-центарот во Гостивар 17, а во Струга 20, во болницата во Струмица хоспитализирани се 20 пациенти, во Кочани четири, во Кичево 12, Кавадарци 16, во Гевгелија две лица, а во Дебар 13 лица.
Во текот на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со пандемијата во периодот од 18 до 24 јануари 2021 година покажува намален бројот на нови случаи и на починати од ковид-19.
