Судскиот процес влегува во финишот. По завршувањето на дополнението на доказната постапка, која се очекува да заврши за неколку рочишта, ќе следуваат завршните зборови и објавувањето на пресудата
Два спротивни извештаи за тоа дали некој, а тоа да не е УБК, прислушувал незаконски во земјава доцна попладнево беа презентирани во Основниот кривичен суд во Скопје на рочиштето за предметот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на нелегалното следење на комуникациите во земјава од 2008 до 2015 година.
Едниот е извештај на израелска компанија која во октомври-ноември 2014 година нотирала дека во Скопје има најмалку еден активен систем за пресретнување на комуникациите преку ГСМ (Global Sistem Mobile). Другиот, пак, е вештачење кое утврдува дека Израелците неосновано констатирале дека тој период имало незаконско следење на комуникациите од причина што не им биле дадени сите податоци, па радиоканали биле детектирани како незаконски системи.
Двата документа денеска ги презентираа обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов.
Што констатирала израелската компанија?
Израелската компанија, групацијата „Реизон“, во извештајот што го подготвила, навела дека во 2014 година добила барање од надлежните органи (во извештајот не пишува од кои надлежни органи) да испита дали има незаконски поставени уредни за ГСМ-пресретнување во Македонија и во градот Скопје. Тоа било во 2014 година.
За таа цел, според извештајот, Израелците поставиле специјализирана опрема на 1 октомври 2014, а е наведено дека ја отстраниле на 27 ноември 2014 година. Тука, забележа обвинителот Пеливанов, има контрадикторности бидејќи во периодите на скенирање се појавува и датум 28 ноември 2014 година.
Со специјализираната опрема и со тим експерти, израелската компанија правеле скенирање на подрачјето на Скопје.
„Системот што го користела израелската компанија за скенирање на ГМС-околината, според извештајот, користи уникатен детекторски алгоритам за утврдување дали алтернативен лажен оператор ја има заменето оперативната ќелија. Исто така, во извештајот е нотирано дека за целиот период на скенирање биле забележани 100 отсто незаконски активности. Во извештајот има 11 датуми за периодот на скенирање на теренот, со час кога е детектирано тоа и со локација каде се детектирани незаконски активни системи“,
читаше обвинителот Пеливанов од извештајот на израелската компанија.
Локациите каде што наводно бил детектиран таков активен систем во извештајот од Израелците се наведени како министерство (не е прецизирано кое), во близина на парламентот и во близина на британската амбасада.
„На последната страница има резиме од заклучоците во кои е нотирано дека имало најмалку еден незаконски активен систем за ГСМ во Македонија управуван од експерти и професионалци кои биле добро обучени и образовани во таа област“,
наведе обвинителот цитирајќи го извештајот.
Во извештајот, израелската компанија дала и препораки да се инсталираат дефанзивни и офанзивни системи за да се спречи нелегално прислушување. Па така, како што беше презентирано, тие препорачале да се инсталираат три фиксни системи во градот Скопје и еден пренослив систем во комбе.
„Препораката за три фиксни системи значи дека трите се поставуваат на одредена територија во форма на триаголник, при што преку нив се детектира нелегална активност на т.н. клонирани базни станици, а со мобилниот систем со комбето на микролокација се детектира точно од каде има активност на клонирана базна станица“,
било објаснувањето за препораката на Израелците што треба да се инсталира за да се спречи нелегално следење на комуникациите.
Ваквиот систем, кој го препорачале Израелците да се купи и инсталира, давал можности за пресретнување на сите повици, текстуални пораки, блокада на телекомуникацискиот сообраќај, прекинување на повици, инсталирање „Тројански коњ“ во телефонот итн.
Такви базни станици кои наводно биле клонирани не постојат, тврди вештакот
Меѓутоа, ваквиот извештај со кој се алудира дека некој друг, а не УБК, прислушувал во земјава, обвинителите го побиваат со вештачење од вештото лице Кире Јакимовски. На почетокот на 2018 година тие нарачале да се направи вештачење на извештајот од израелската компанија ангажирана од претходната власт.
Вештачењето на извештајот е детално, на 54 страници, а на денешното рочиште и покрај жестокото противење од страна на обвинетите и нивните адвокати, обвинителите успеаја да презентираат дел од него.
Од него, обвинителот Пеливанов посебно ги нагласи анализите за наодите од израелската компанија дека биле клонирани базни станици со броеви 15 и 666. Според вештачењето, овие базни станици кои наводно биле клонирани, во периодот октомври-ноември 2014 година во Скопје, воопшто не постојат, туку тоа биле легални радиоканали.
„Според анализата на вештакот и увидот во опремата, е утврдено дека базни станици на легални мобилни оператори под броевите 15 и 666, кои израелската компанија ги детектирала како клонирани, не постојат на подрачјето на Скопје за периодот октомври и ноември 2014, туку тоа се радиоканали од клетки на базни станици кои припаѓаат на ‘Вип’, од кои едната базна станица била на зградата на ‘Кјуби’, а во вториот случај, бидејќи во радиоканалот 666 работат клетки од повеќе радиостаници на ‘Вип’ со називи ’МВР‘, ’Средно Водно‘ и ’Треска‘. Да заклучам, при скенирањето на теренот од израелската компанија со опремата која ја користеле не им биле дадени сите податоци за базните станици, ниту локацискиот код односно радиоканалите на клетките со кои зрачат овие базни станици поради што израелската компанија неосновано констатирала дека во периодот октомври-ноември 2014 имало незаконско следење на комуникациите преку клонирани базни станици“,
рече обвинителот Пеливанов додека го презентираше вештачењето со кое обвинителството го побива извештајот на Израелците.
Обвинетите, заедно со своите адвокати, се обидоа да го спречат презентирањето на ова вештачење на денешното рочиште барајќи тоа да се направи на наредното, кога како сведок ќе биде повикан и вештакот. Обвинителите, пак, инсистираа тоа да се направи сега со оглед дека и извештајот од израелската компанија и вештачењето ги предложиле заедно како докази, но и за да ѝ се овозможи на присутната јавност да ја добие комплетната слика, а не само еднострано, врз основа на извештајот од израелската компанија.
Како дојде до изведувањето на овие докази?
Извештајот и вештачењето се изведуваат во дополнението на доказната постапка за случајот „Таргет-Тврдина“, а се предложија откако пред неколку рочишта обвинетиот Сашо Мијалков сведочеше како во 2014 година израелска компанија им презентирала опрема за прислушување, па кога ја вклучиле опремата детектирале дека има уште три други системи кои прислушуваат.
„Со оглед на тоа што таа опрема има и таква компонента, ни потврдија дека во истиот тој момент работат други три системи за кои мислеа дека се тактичка опрема на УБК и со тоа сакавме да провериме дали нивната опрема ќе ги детектира. За жал, тоа не беа системи на УБК. Преку овој настан сакам да потврдам дека моите сознанија се дека е можно преку опрема која не е на МВР да била следена комуникацијата“,
рече Мијалков на рочиштето на 18 јануари.
Покрај за незаконското следење, предметот „Таргет-Тврдина“ се однесува и на незаконското уништување на опремата за прислушување од системот „Најс“ што го користела УБК.
Со Мијалков, осомничени се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски – двајцата во бегство во Грција, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, ексминистерката Гордана Јанкулоска, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1 541 број или вкупно 5 827 телефонски броја. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.
Предметот се наоѓа во завршница. По завршувањето на дополнението на доказната постапка што се очекува да заврши за неколку рочишта, ќе следуваат завршните зборови и објавувањето на пресуда.